Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска се огласи и рече дека САД го одбележуваат Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, кој беше основан од Обединетите нации по повод годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година, најголемиот Нацистички логор на смртта.
„Свечено се сеќаваме на шесте милиони Евреи кои беа систематски убивани низ Европа од нацистите и нивните соработници, како и на милионите други кои загинаа. Им оддаваме почит на оние кои преживеаја, им благодариме на нашите ослободители и ја обновуваме нашата заедничка посветеност на човековата слобода и правда“, се вели во соопштението од кабинетот на Рубио.
Се потсетува дека оваа година се одбележуваат 80 години од крајот на Втората светска војна и холокаустот, а се нагласува дека оваа година би можела да биде една од последните во која преживеаните ќе можат да споделат сведоштва за ужасите што ги доживеале.
За време на Втората светска војна, шест милиони Евреи станаа жртви на нацистичката политика насочена кон елиминирање на оние што се сметаат за „закана“ или „инфериорни“.