Скандал на "LinkedIn": Премиум корисниците откриваат дека нивните пораки ги чита вештачка интелигенција

Точка

24/01/2025

18:38

2.026

Големина на фонт

а а а

"LinkedIn" се најде во центарот на нова контроверзност откако беше откриено дека потенцијално ги користи приватните пораки на своите "Premium" корисници за обука на системи со вештачка интелигенција, без нивна експлицитна согласност. Тужбата беше поднесена во Калифорнија од Алесандро де ла Торе, кој тврди дека компанијата ги прекршила своите ветувања за приватност на податоците.

"LinkedIn Premium" е платена верзија на оваа социјална мрежа која на корисниците им нуди напредни функции, вклучително и "InMail" – систем за приватни пораки. Премиум претплатите доаѓаат во неколку форми: "Premium Career" (за оние кои бараат работа), "Premium Business" (за деловни корисници), "Sales Navigator" (за продажни тимови) и "Recruiter Lite" (за регрутери).

Она што е особено загрижувачко е фактот што овие многу приватни пораки, кои често содржат чувствителни информации за вработување, интелектуална сопственост и плати, наводно биле користени за обука на модели со вештачка интелигенција.


Правни импликации и заштита на податоците

Договорот за претплата на "LinkedIn" (LSA), посебен договор за "Premium" корисници, изрично забранува споделување доверливи информации со трети страни. Во тужбата се наведува прекршување на Законот за складирани комуникации на САД (закон кој ја штити приватноста на електронските комуникации), како и прекршување на договорот и нелојална конкуренција според законот во Калифорнија.

Интересно е што "LinkedIn" веќе ги исклучи корисниците од Канада, Европската унија, Европската економска област, Обединетото Кралство, Швајцарија, Хонг Конг и Кина од својата програма за користење податоци за обука на модели со вештачка интелигенција. Сепак, корисниците од Соединетите Американски Држави, каде сè уште нема федерален закон за приватност, ја вклучија опцијата „Податоци за генеративно подобрување на вештачката интелигенција“ автоматски.

"LinkedIn" ги негираше сите обвинувања, нарекувајќи ги „лажни тврдења без основа“. Сепак, адвокатската фирма "Edelson PC", која го застапува тужителот, истакнува дека компанијата никогаш јавно не негирала дека ја споделила содржината на пораките на "InMail" со трети страни за целите на обука на модели со вештачка интелигенција.


Што значи ова за корисниците?

Премиум корисниците на "LinkedIn" треба да обрнат посебно внимание на поставките за приватност на нивните профили. За корисниците од Македонија и регионот кои не се конкретно изземени од програмата, се препорачува да ги проверат своите поставки за вештачка интелигенција и користење податоци во нивните продили на "LinkedIn". Иако сè уште нема директни докази за злоупотреба на приватни пораки, оваа ситуација поставува важни прашања за приватноста на податоците на социјалните мрежи и начинот на кој големите технолошки компании ги користат податоците на своите корисници за да развијат технологии за вештачка интелигенција.