Додека "Apple" и "Google" одбиваат да го вратат "TikTok" во нивните продавници за апликации додека не го купи американска компанија, препродавачите на "eBay" се обидуваат да ја искористат оваа ситуација нудејќи им "iPhone" уреди со инсталирана апликација по огромни цени. Ова доаѓа откако "TikTok" беше привремено забранет во Америка, пред претседателот Доналд Трамп да потпише извршна наредба за заштита на апликацијата во следните 75 дена.
"Apple" зазеде цврст став дека нема да го врати "TikTok" во "App Store" додека апликацијата не ја купи американска компанија, а "Google" го стори истото со својата "Play Store". Оваа одлука на двата технолошки гиганти дополнително ја искомплицира ситуацијата околу популарната апликација за споделување на кратки видеа.
Во меѓувреме, на "eBay" се појави нов тренд. Најскапиот меѓу огласите е "iPhone 15 Pro Max" со 256 GB меморија, за кој бараат неверојатни 75.000 долари, додека повеќето други огласи ја задржуваат цената околу 50.000 долари.
Еден од продавачите, кој има 100% позитивни критики на "eBay", во огласот наведува дека телефонот е во сосема нова состојба и цело време бил заштитен со квалитетна футрола. Сепак, она што привлекува внимание не е состојбата на телефонот, туку фактот што ја има апликацијата "TikTok".
Дури и ако некој реши да издвои огромна сума пари за ваков телефон, самата апликација најверојатно ќе биде неупотреблива поради забрана на системот. Во моментов нема информации дека телефони се продадени по овие цени, а се очекува продавачите наскоро да ги тргнат своите огласи.