Митева: Донесена е владината програма, ја одразува посветеноста за градење на посилна, потранспарентна и просперитетна Македонија

Макфакс

23/01/2025

15:24

153

Големина на фонт

а а а

Марија Митева, владината портпаролка ја презентираше Програмата за работа на Владата за 2025 година, која беше донесена на 45-та владина седница.

Економското заживување на земјата е врвен владин приоритет, нагласи Митева како и поттикнување на силен циклус на економски раст, подобрување на севкупната транспортна инфраструктура, зголемување на животниот стандард, подобар и поквалитетен живот за секого, создавање на квалитетни работни места, модернизирање на образовниот систем и забрзување на дигиталната трансформација на јавните услуги.

Содржината на оваа Програма е поделена по тематски подрачја и е поделена по динамика по месеци за секој приоритет, што уште еднаш ја потврдува нашата посветеност на транспарентност и на предвидливост којашто можат да ја имаат граѓаните, да знаат што можат да очекуваат. Се разбира во минатото, многу од проектите беа одложувани, што уште еднаш потврдува дека оваа Програма има за цел да даде навремена испорака и мерливи резултати.

„Би ги издвоила Предлог-законот за управување со движење на предметите во судовите, ќе се работи на Предлог-закон за судска и јавна обвинителска служба, целта е да го подобриме стручниот кадар во овие служби. Би сакала да го споменам и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Во вториот дел пак, кој се однесува на работата на Владата и на акти и материјали коишто ги носи Владата, опфатот е поширок на сите сегменти, би го споменала делот на образованието како што се реконструкција на училишни објекти, годинашниот буџет е за 6 милијарди денари повисок од оној којшто беше во минатата година или вкупно е 38 милијарди денари. Зголемени се блок дотациите кон општините затоа што ќе се прави покачување на платите на вработените во образованието веќе од месец март за 7%“, појасни Митева.

Како што најави, повисоки плати од овој месец ќе добијат и вработените во високообразовните установи и тоа наставниот кадар за 14%, а ненаставниот кадар за 8%. Очекува дека ова јакнење на економската стабилност ќе биде стимул за дополнителна заложба кон поквалитетно образование.

„Програмата за работа на Владата околу стотина активности се однесуваат на обврските од Реформската агенда за 2024-2027 година и Планот за раст на земјите од Западен Балкан, што уште еднаш ја потврдува сериозната заложба за реформи на оваа Влада коишто се однесуваат на препораките од Европската Унија“, дополни Митева додавајќи дека Владата има јасна визија: „држава во која системот функционира, просперитетна економија и влада која работи за граѓаните и на која граѓаните и веруваат“.