Честитките што македонските политичари ги испратија за изборот на новата влада во Бугарија, евроамбасадорот во земјата, Михалис Рокас, смета дека се добредојдени. При денешната посета на Куманово, Рокас рече дека и по изборот на новата влада во Бугарија, фокусот на делегацијата на ЕУ во земјата е помош за спроведување на реформите.
„Факт е дека имаме нова влада во Бугарија, ги видов пораките со честитки што се разменија, што е многу добредојдено. Од наша страна, како делегација на ЕУ, ние ќе се фокусираме на помагање на државата да ги имплементира реформите. Како што веќе реков, има голем момент и голема можност за проширување на ЕУ. Премиерот веќе двапати досега беше во Брисел во декември, значи има интензивна дипломатска активност. Она што се обидуваме да го направиме тука е она поради што оваа дипломатска активност тече, помагањето во надминувањето на овој проблем и поместувањето нанапред. Ние се фокусираме на испорака на реформите, а особено реформската агенда, која беше одобрена од Владата“, рече евроамбасадорот Рокас по средбата со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Тој денес само ги слушаше и се запознаваше со проблемите на Куманово и рече дека е подготвен да работи рака под рака со жителите за да ги забрза реформите и проектите што ги имаат во градот.