Хари проговори по спогодбата со британските таблоиди: Тие признаа дека направиле незаконски дејствија

Макфакс

23/01/2025

08:48

422

Големина на фонт

а а а

Британскиот војвода од Сасекс, Хари, во средата извојува победа над британската група весници на Руперт Мардок, откако издавачот го реши судскиот спор со неговиот адвокат, првпат признавајќи дека е одговорен за незаконските дејствија на својот таблоид „Сан“ и вети дека ќе плати значителни штети.

Хари (40), помладиот син на кралот Чарлс III, ја тужеше News Group Newspapers (NGN), издавачот на The Sun и сега веќе непостоечката News of the World, пред Високиот суд во Лондон, тврдејќи дека весникот незаконски добивал приватни информации за него помеѓу 1996 до 2011 година.

NGN призна и дека упаднал во приватниот живот на неговата покојна мајка, принцезата Дијана. Адвокатот на Хари, Дејвид Шерборн, рече дека издавачот се согласил да му плати на Хари значителна отштета, а извор запознаен со случајот и спогодбата рече дека станува збор за сума од осум цифри.

„Со денешната монументална победа, News UK призна дека The Sun, предводникот на британската медиумска империја на Руперт Мардок, навистина бил вклучен во незаконски активности“, изјави Хари на новинарите по пресудата.

„Денес се разоткриени лаги. Денеска се разоткриени прикривања. Дополнително, денешниот ден е доказ дека никој не е над законот и дека дојде време некој да одговара“, се вели во соопштението прочитано пред Високиот суд од страна на адвокатот на Хари.

„NGN му понуди целосно и недвосмислено извинување на војводата од Сасекс за сериозното мешање на „Сан“ во неговиот приватен живот помеѓу 1996 и 2011 година, вклучително и инциденти како што се нелегални активности на приватни истражители ангажирани од „Сан“.