Мицкоски: Оваа Влада ќе ги потврди илинденските идеали, ќе го продолжи делото на илинденците, на комитите, на војводите

Макфакс

22/01/2025

13:37

188

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, за време на посетата на Соединетите Американски Држави присуствуваше на одбележувањето на 30 годишниот јубилеј од постоењето на црквата „Свети Никола“, на коj присуствуваа и бројни македонски иселеници.

Во своето обраќање тој истакна дека овие 7 месеци откако е избрана Владата, таа ја води борбата дома за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија и дека таа борба ќе продолжи и нема да запре.

„Но, таа борба за македонскиот народ се плашам дека не е доволна, дека ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон и во Њујорк и во Брисел и во Берлин и во Лондон и во Париз и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сѐ уште постои. Затоа е многу важно оваа врска којашто ја има татковината со Македонците надвор од татковината да продолжи да функционира да се засили, да биде уште посилна. Како Влада сме определени да ја градиме нашата релација со македонската дијаспора. Врската мора да ја засилуваме и таа да биде силна. Не смееме да дозволиме нашата дијаспора да биде разочарана затоа што македонските политички елити не успеваат таа врска да ја негуваат и одржат“, истакна премиерот Мицкоски.

Според претседателот на Владата, нема посилна потврда од македонскиот идентитет ако има повеќе Македончиња, без разлика дали тие се родени во Македонија или надвор од Македонија, бидејќи на тој начин се брани нацијата и македонскиот идентитет, со потомство.

„Ние Македонците сме едноставни луѓе, со големо срце, домаќини, домаќинки. Нема подобар начин од тоа од мали години, уште од најмала возраст да ги учиме децата на македонските традиции и обичаи. Традицијата и обичаите мора да се негуваат, тие се нераскинлив дел од македонскиот идентитет“, подвлече тој.

Тој истакна дека знае дека можеби во овие повеќе од три децении демократија во Македонија, често пати политичките елити знаеле да ги разочараат Македонците и дека често пати тие разочарувања биле причина за многу нашинци да заминат од својата татковина.

„Сакам да испратам една порака дека ќе направиме како Влада сѐ што можеме и правиме сѐ што можеме и правиме и повеќе од што можеме за да вратиме дел од тоа загубено време и дел од тоа загубено достоинство за да можете вие да кажете дека повторно Македонија е ваша и повторно ќе бидете горди Македонци. Тоа е нашата цел и тоа е нашата инспирација зошто се нафатиме како генерација да ја работиме оваа работа. Бидете сигурни дека ќе го вложиме секој атом енергија да работиме само за интересот на татковината и на граѓаните“, им порача премиерот Мицкоски на присутните.

Тој упати уверување дека и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори коишто не сакаат Македонија да биде успешна, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди илинденските идеали ќе го продолжи делото на Илинденците, на комитите, на војводите, подоцна и на партизаните за суверена, независна, демократска Македонија, која што ќе биде најбогатата и најпросперитетна држава на Балканот, а зашто тоа да не биде и во Европа.