Мишел Обама не се појави на инаугурацијата на Доналд Трамп, како што претходно најави. Нејзиниот сопруг, Барак Обама, сам присуствуваше на свеченоста.
Со овој потег, Мишел стана единствената прва дама која не се појави на инаугурацијата.
Непосредно пред инаугурацијата, Мишел се огласи на социјалните мрежи, објавувајќи фотографија од Мартин Лутер Кинг Џуниор, чиј ден се обележува секоја година на истиот датум. Заедно со фотографијата, таа сподели и негов цитат: „Секогаш е вистинско време да го направите правилното“.
„Наследството на службата на пречесниот д-р Мартин Лутер Кинг Џуниор секогаш ме инспирира. На овој ден, се надевам дека ќе ми се придружите во чествувањето на животот и наследството на д-р Кинг вклучувајќи се во вашата заедница. Без разлика дали сте ментор на ученици во локално училиште или волонтирате за кауза која вам ви е важна, секој чекор придонесува кон создавање промени“, напиша поранешната прва дама.
Според информациите од изворот, Мишел не присуствувала на инаугурацијата на Трамп бидејќи тоа би било спротивно на нејзините убедувања. Оваа нејзина одлука е во спротивност со неодамнешните напори на нејзиниот сопруг Барак Обама, кој се обиде да промовира единство. Инаку на инаугурацијата тој седна до Лора Буш, сопругата на Џорџ Буш.
Инаку, Барак Обама, покрај присуството на инаугурацијата, неодамна беше забележан и на погребот на поранешниот претседател Џими Картер, каде што оствари срдечен разговор со Доналд Трамп. Тој момент на нивна блискост предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.