Поранешната американска потпретседателка се огласи од Калифорнија: „Камала Д. Харис секогаш се бори за народот“

Макфакс

21/01/2025

13:46

389

Големина на фонт

а а а

Поранешната американска потпретседателка Камала Харис, по враќањето во Калифорнија, рече дека најважно за неа е да им даде до знаење на луѓето погодени од пожарите во таа американска држава дека не се сами.

По посетата на противпожарната станица во Алтадена, Калифорнија, таа и нејзиниот сопруг Даг Емхоф поделиле бесплатни оброци во народната кујна, пренесува американски „Политико“.

„Ние сме некои од среќниците, нашиот дом е сè уште таму. Сакавме да излеземе и да ја видиме оваа извонредна заедница и само да им дадеме до знаење на луѓето дека ги гледаме и дека се згрижени“, рече Харис, чиј дом е во задолжителната зона за евакуација од пожари во Палисадес.

Харис не зборуваше за политика, туку повеќе ја истакна важноста на волонтерите.

„Моментите на криза навистина ги изнесуваат хероите меѓу нас“, рече таа пофалувајќи ги пожарникарите и волонтерите, кои ги загубија своите домови, но сè уште работат на помош на својата заедница.

Таа не зборуваше ниту за своите идни планови ниту, пак, одговори на новинарско прашање дали ќе се кандидира за гувернер на Калифорнија.

Веднаш по инаугурацијата, Харис ја ажурира својата официјална веб-страница објавувајќи нова фотографија и натпис „Канцеларија на Камала Д. Харис“.

Веб-страницата вклучува и линк до нејзината нова е-пошта, која гласи: „Контактирајте со поранешниот потпретседател“ и „Камала Д. Харис секогаш се бори за народот“.