Со изведување на видео записи од безбедносни камери денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, каде првообвинет е Љупчо Палевски – Палчо, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
На првите неколку видеа, презентирани од Обвинителството, се гледа како обвинетиот Влатко Кешишев наплаќа и полни балон со бензин на бензинска станица Макпетрол кај Транспорниот центар Скопје во близина на партијата Десна околу 5 часот наутро на 27 ноември 2023 година.
Во судницата беа презентирани и неколку видеа од безбедносни камери од возилото Рено Кангу, како се движи во Центар, од седиштето на партијата Десна, кон Аеродром и во правец кон Гази Баба, околу 5 часот и 33 минути на 27 ноември 2023 година.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
На минатото рочиште, обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред Судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаи од психијатриските вештачења.
Како што посочи обвинителката, жртвите биле усмртени со истрел во главата од непосредна близина, со ист калибар на куршум од 9 милиметри, посочувајќи дека обдукцијата покажала дека Вања не била задушена, односно и двете жртви биле живи во моментот на егзекуцијата. Според ДНК анализата од самолепливата лента која била на устата на Вања, пронајдени се мешани траги од девојчето, како и, најверојатно траги од обвинетиот Велибор Манев.
Обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинението, тие заедно ги испланирале грабнувањето на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп и грабнувањето на Жежовски со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Неколку снимки, од рутата на движењето на возилото ,,цитроен” и тоа на денот 27 ноември 2023 година, кога беше грабната и убиена 14- годишната Вања Ѓорчевска, денеска беа презентирани во судница.
- На 27 ноември 2023 годни, 6 часот и 28 минути, возилото ,,цитроен” е забележано по улиците во Чаир. Потоа го продолжува движењето право, во насока кон Центар. Возилото продолжува да се движи по булеварот Христијан Тодоровски Карпош, а во возилото се гледаат силуети на три лица, појаснуваше обвинителката.
Во 6 часот и 32 минути возилото е кај трговскиот центар ,,Мавровка”, по што продолжува кон мостот ,,Гоце Делчев”.
- На раскрсницата кај Владата, возилото ,,цитроен” во 6 часот и 33 минути застанува на семафорите. Потоа движењето го продолжува кон булеварот Климент Охридски. Оттука се упатува кон улица Орце Николов. Во 6 часот и 36 минути ,,цитроенот” е снимен на паркингот кај хотел ,,Парк”. Тука подзастанува и продолжува да се движи право кон зградата на оштетената Вања Ѓорчевска на улица Наум Наумовски Борче, каде што стигнува во 6 часот и 37 минути, презентираше обвинителката.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.