Муцунски - Реслер: Потврдена решителноста на владата за напредок на европскиот пат обезбедувајќи стабилен реформски процес во клучните области

Макфакс

17/01/2025

12:55

810

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на работна средба го прими Карло Реслер, европратеник и копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет на Република Северна Македонија и Европската унија. На средбата се дискутираше за напредокот на државата кон европската интеграција, идните чекори во процесот, како и можностите за зајакнување на соработката.

Муцунски ја потврди цврстата решителност на Владата да постигне напредок на европскиот пат на земјата, обезбедувајќи стабилен реформски процес во клучните области, унапредување на економските капацитети и подобар животниот стандард на граѓаните. Притоа тој се осврна и на добрососедските односи, потврдувајќи ја посветеноста на наша страна за нивно постојано унапредување врз основа на принципите на меѓусебна почит и доверба.

Двете страни го нагласија значењето од одржување на конструктивен дијалог со Европскиот парламент на сите нивоа и продлабочувањето на соработката за унапредување на заедничките интереси. Министерот Муцунски му се заблагодари на европратеникот Реслер за одличната соработка и континуираната вокална поддршка на Европскиот парламент во однос на евроинтеграциите на земјата и изрази очекување дека во наредниот период со заеднички напори ќе успееме да постигнеме конкретен напредок на патот кон ЕУ.