Стојчевска до Филков: Ќе се повлечете ли од Судскиот совет, така да почнат реформите

Макфакс

16/01/2025

16:02

340

Големина на фонт

а а а

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за правда Игор Филков, кое се однесува на реформите во судството.

„Задолжени сте за еден од најклучните столбови во нашето општество, а тоа е правдата. Реформите во судството се суштински за демократијата и владеењето на правото, но за жал, во изминатите 7 месеци гледаме оддалечување од овие принципи.

И покрај вашите изјави дека ќе ги инкорпорирате препораките на Европската комисија, вашите дела укажуваат на сосема спротивно, партиски назначувања и недоволна независност на судските институции“, рече пратеничката.

Според неа препораките за намалување на политичкото и бизнис влијание, не се почитуваат што дополнително ја намалува довербата на јавноста.

„Во овие 7 месеци не гледаме никакви реформи во судскиот систем, иако ова е една клучна област во која треба да се дејствува. Партизацијата добива ендемски размери во институциите, но уште позагрижувачки, и во она што треба да е темел на едно демократско и праведно општеството – судскиот систем.

Вашите изјави за законски измени до јуни 2025 делуваат како одложување, а не како итно и одлучно справување со проблемите.

Наместо спроведување на најавените реформи, гледаме засилена партизација на судството, каде што клучните позиции, делуваат по политички, а не според професионални критериуми.

Во Оценската мисија, почитуван министер, нема никакви препораки за вакви назначувања на судии и обвинители. Едно се зборува, а друго се прави“, рече таа.

Дали вие сте подготвени да ги направите вистинските чекори, кон промена или и понатаму ќе се продолжите со празни зборови и формални најави.

Дали ќе ја искористите конкретната можност, од вас да започнат реформите и имплементацијата по препораките од Оценската мисија. Дали вие како министер за правда, кој по функција е член Судски совет, ќе се повлечете од член на истиот и кога планирате да поднесете иницијатива за уставните измени со кој министерот за правда повеќе нема да биде дел од Судскиот совет, беа прашањата до Филков.