Девојчињата сè порано влегуваат во пубертет – Постојат неколку причини за тоа

Точка

15/01/2025

17:07

769

Големина на фонт

а а а

Во последните децении забележана е загрижувачка промена: девојчињата ширум светот сè порано и порано влегуваат во пубертет. Некои експерти предупредуваат дека оваа појава има значителни физички и психолошки последици, а причините се поврзани со модерниот начин на живот, исхраната, стресот и факторите на животна средина, пишува „National Geographic“.

Мета-анализата на 30 различни студии покажа дека просечната возраст на почетокот на пубертетот кај девојчињата опаѓа за три месеци по деценија помеѓу 1977 и 2013 година. Денес, некои девојчиња развиваат знаци на пубертет, како што е растот на градите, уште на шест или седум години.


Една нова студија објавена во „JAMA Network Open“ покажува дека возраста на почетокот на првата менструацијата се намалува. Помеѓу 1950 и 2005 година, бројот на девојчиња кои ја добиле првата менструација пред 11-годишна возраст речиси се удвоил на 16%. Освен тоа, сè повеќе девојчиња чекаат подолго за менструациите да им станат редовни. Зошто се случува ова?

1. Дебелина и исхрана

Зголемените стапки на дебелина кај децата се клучен фактор. Масното ткиво, кое некогаш се сметало за пасивно, сега е препознаено како ендокриниот орган кој лачи хормони како лептин и инсулин кои можат да го забрзаат почетокот на пубертетот.


Исхраната богата со високо преработена храна, животински протеини и шеќер, а сиромашна со овошје и зеленчук, исто така е поврзана со предвремениот почеток на пубертетот. Едно кинеско истражување покажа дека исхраната богата со грицки, газирани пијалаци и пржена храна го зголемува ризикот од ран пубертет.

2. Стрес и фактори на животната средина

Раниот стрес, како што се социо-економските тешкотии или семејната траума, можат да го забрзаат пубертетот. Истражувањата покажаа дека девојчињата кои се изложени на високи нивоа на стрес во раното детство имаат поголема веројатност да доживеат ран пубертет. Ковид-19 пандемијата дополнително придонесе за овој проблем поради намалената физичка активност, полошата исхрана и зголемената изолација.


3. Ендокрини нарушувања

Хемикалиите кои ја нарушуваат работата на хормоните, како што се фталатите и бисфенолите, се наоѓаат во бројни секојдневни производи – од амбалажата на храната до козметиката. Овие супстанции го имитираат дејството на естрогенот и можат да влијаат на предвремен почеток на пубертетот. Студијата исто така ја поврза изложеноста на загадениот воздух со предвременото појавување на менструацијата.

Раниот пубертет може да има физички и емоционални последици. Тоа се:

Понизок раст: Девојчињата кои рано влегуваат во пубертет често побрзо престануваат да растат, што може да резултира со пониска висина.

Здравствени ризици: Повисок ризик од развој на дебелина, висок крвен притисок, дијабетес и срцеви заболувања. Исто така раниот пубертет е поврзан со зголемен ризик од рак на дојка поради поголемата изложеност на хормоните.


Психолошки предизвици: Раниот пубертет може да предизвика стрес, анксиозност, депресија и проблеми со телесниот имиџ. Децата кои изгледаат постари од своите врсници често се соочуваат со притисок да се однесуваат позрело отколку што всушност се.

Како да им се помогне на девојчињата?

Здрав начин на живот: Обезбедувањето на урамнотежена исхрана, богата со овошје, зеленчук и цели житарки, може да го одложи почетокот на пубертетот. Поттикнувајте ги на редовната физичка активност и намалете ја нивната изложеност на високо преработена храна и пијалаци со висока содржина на шеќер.


Разговор и поддршка: Родителите треба отворено да разговараат за телесните промени со своите деца, без стигматизација. Обезбедувањето поддршка и едукација им помага на децата полесно да го прифатат своето тело и да развијат здрави навики.

Консултација со лекар: Доколку детето покажува знаци на предвремен пубертет, важно е да се консултирате со педијатар или ендокринолог. Во некои случаи, лекарите може да препорачаат терапија за забавување на процесот за да се избегнат долгорочни последици.