Превентивни прекини на струја во Украина поради рускиот ракетен напад

Макфакс

15/01/2025

09:10

585

Големина на фонт

а а а

Русија утрово изврши масовен напад со крстосувачки ракети и беспилотни летала врз Украина. Прогласена е закана од воздушен напад низ целата земја. Силни експлозии се слушнаа во Харков, вториот по големина град во Украина со еден милион жители, како и во неколку области на западот на земјата.

Експлозии се слушнаа во регионите Хмелницки, Виниција и Ивано-Франковск. Во регионот Лавов, на крајниот запад на Украина, се слушаат операции за противвоздушна одбрана.

Украинските власти соопштија дека нападот го извршиле 7 бомбардери Ту-22 и 6 бомбардери Ту-95. Крстосувачки ракети беа лансирани од воени бродови во Црното Море, воени авиони МиГ-31К, додека балистички ракети беа истрелани од копнени фрлачи.

Цели на нападите се украински хидроцентрали и друга инфраструктура во западниот дел на земјата, соопштија украинските власти. Полска ги подигна борбени авиони поради нападот.

Итни прекини на струја

Превентивните прекини на струја се во сила поради рускиот ракетен напад врз Украина, изјави министерот за енергетика Херман Халушченко.

Украинската енергетска компанија Укренерго додаде дека прекини се воведени во регионите Харков, Суми, Полтава, Запорожје, Днепропетровск и Кировоград.