Една чаша млеко дневно може да го намали ризикот од заболување од еден најчест вид на карцином

Точка

13/01/2025

19:22

1.251

Големина на фонт

а а а

Една чаша млеко дневно може да го намали ризикот од рак на дебелото црево за една петтина, откри најголемото истражување досега за врската помеѓу исхраната и развојот на оваа болест. Клучот е во скапоцениот минерал кој се наоѓа во млекото – калциумот.

Англиските истражувачи откриле дека дневниот внес на 300 милиграми калциум, што е приближно на количеството кое се наоѓа во половина литар млеко, го намалува ризикот од рак на дебелото црево за 17 отсто.


„Оваа сеопфатна студија обезбедува силни докази дека млечните производи можат да помогнат во превенцијата на ракот на дебелото црево, главно поради калциумот кој го содржат. Утврдено е дека ефектот на калциумот е сличен кога доаѓа од млечни извори, како и од немлечни извори, како што е збогатено млеко од соја“, рече д-р Карен Папиер, првиот автор на истражувањето и виш нутриционистички епидемиолог од Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија.

Претходните студии сугерираа дека млечните производи можат да помогнат во спречувањето на рак на дебелото црево, но научните докази беа нејасни.

Истражувачите од Оксфорд анализирале податоци за исхраната на повеќе од 540.000 жени во текот на речиси 17 години, испитувајќи како 97 намирници, пијалаци и хранливи материи влијаат врз ризикот од рак на дебелото црево.

Млекото штити од рак на дебелото црево, додека алкохолот и црвеното месо го зголемуваат ризикот

Истражувањето откри убедливи докази дека калциумот може да заштити од рак на дебелото црево, додека алкохолот и црвеното или преработеното месо го зголемуваат ризикот од овој рак. Секои 20 милилитри алкохол дневно се поврзани со 15 отсто поголем ризик од рак на дебелото црево, додека секои 30 грама црвено и преработено месо дневно се поврзани со 8 отсто поголем ризик од овој вид на канцер.


Студијата се фокусираше врз жените во постменопауза, но авторите на студијата веруваат дека заштитните ефекти на калциумот можат да важат и за мажите како за помладите луѓе.

„Сметаме дека калциумот може да заштити од рак на дебелото црево со врзување за жолчните киселини и слободните масни киселини во дебелото црево, што помага да се намали нивниот потенцијал да предизвикаат рак“, објасни д-р Папиер.

Алармантно зголемување на бројот на млади заболени од рак на дебелото црево

Ракот на дебелото црево е трет најчест рак во светот – речиси 2 милиони случаи се регистрираат секоја година и предизвикува еден милион смртни случаи годишно. Експертите проценуваат дека бројот на случаи на заболени од рак на дебелото црево ќе достигне 3,2 милиони до 2040 година, а смртните случаи ќе се искачат на 1,6 милиони.


Она што е особено загрижувачко е алармантно зголемување на ракот на дебелото црево кај младите. Ракот на дебелото црево кај луѓето под 50 години е зголемен за дури 50 отсто во последните три децении, предупреди Американското здружение за борба против ракот. Според „Cancer Research UK“ стапките на рак на дебелото црево кај Британците на возраст меѓу 25 и 50 години се зголемиле за 24 отсто во последните три децении.

Исхраната е најважната алка во превенцијата на ракот

Иако трендовите се загрижувачки, повеќе од половина од случаите на рак на дебелото црево можат да се спречат преку промени во исхраната и начинот на живот, како што се:

одржување на здрава тежина

зголемен внес на влакна

избегнување на алкохолот

редовна физичка активност

откажување од пушењето.


Исхраната е особено важна, бидејќи еден од пет случаи на рак на дебелото црево е поврзан со консумирање премногу црвено или преработено месо.

„Ракот на дебелото црево е еден од најчестите видови на карцином, поради што особено е важно да знаеме како да го спречиме. Одржувањето здрава, урамнотежена исхрана, заедно со одржување на здрава телесна тежина и откажувањето од пушење, е еден од најдобрите начини да го намалите ризикот од рак на дебелото црево. Ова вклучува намалување на внесот на алкохол и црвено и преработено месо, а наместо тоа консумација на повеќе овошје, зеленчук и интегрални житарки. Млечните производи како што е млекото, исто така, можат да бидат дел од исхраната која го намалува ризикот од рак на дебелото црево, вели Софија Лоус од „Cancer Research UK“.