Интер досега ги исполни очекувањата на своите фанови во однос на настапите и пласманот во Серија А и докажа дека останува главен фаворит за титулата и оваа сезона.
Тренерот Симоне Инѕаги има квалитетен ростер на располагање, а тоа пред се важи за средниот ред во кој има голема конкуренција и дел од играчите не можат да дојдат до посакуваната минутажа.
Во таква ситуација е Давиде Фратези, кој со малата минутажа ризикува да го загуби и местото во националниот тим, а во актуелниот преоден рок може да се реши за привремен трансфер во друг клуб.
„Кориере дело Спорт“ тврди дека Фратези може да заврши во Рома, но истовремено „волчицата“ во моментов не може да си дозволи трансфер од 30 милиони евра, на колку што е проценет италијанскиот играч за врска.
Фратези потекнува од младинската академија на Рома и тоа би била природна средина за него, но во моментов тој може да замине во Рим само на заем, или пак во евентуална размена за Лоренцо Пелегрини, што е многу покомплицирана варијанта.