Шефот на Мосад повика на директен напад врз Иран

Макфакс

26/12/2024

09:48

372

Големина на фонт

а а а

Директорот на Мосад, Дејвид Барнеа, им рекол на високите израелски претставници дека Израел треба да го нападне Иран за да ги запре нападите на јеменските Хути, кои се поддржани од Техеран, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац не се согласиле со таа оценка, објавија денеска израелските медиуми.

Според весникот Хаарец, Барнеа ја претставил оваа опција за време на серија дискусии поради немањето резултати од претходните израелски напади врз Јемен, но Нетанјаху и Кац биле на мислење дека Израел треба да продолжи со нападите врз Хутите.

„Мораме да одиме директно против Иран. Ако само ги нападнеме Хутите, не е сигурно дека ќе можеме да ги запреме“, им рекол Барнеа на безбедносните службеници, според извештајот на израелскиот „Канал 13“.

„Канал 13“ објави дека Нетанјаху се спротивставил, посочувајќи дека Иран е друго прашање, кое ќе се реши во соодветно време, со што се согласиле и безбедносните претставници.

Во средата, на првата ноќ на Ханука, Нетанјаху во своето обраќање вети дека Хутите, „како и другите непријатели на Израел“, ќе ги сносат последиците од нападите врз таа земја.

Во изминатите 10 дена, Хутите лансираа пет балистички ракети и најмалку пет беспилотни летала кон Израел во, како што тврдат, кампања за поддршка на палестинскиот народ за време на израелската војна во Појасот Газа.

Една од ракетите паднала во областа Тел Авив-Јафа, а здравствените власти соопштија дека во тој напад полесно се ранети 16 лица.