Мицкоски за бегалецот Груби: Не мислам дека ќе добие политички азил, тој на листата на САД не е од политички причини, туку поради криминал

Макфакс

24/12/2024

14:12

430

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски не мисли дека пребеганиот поранешен вицепремиер и министер Артан Груби ќе добие политички азил за да избегне враќање во земјата и соочување со сомневањата за сторен криминал. Одговарајќи на новинарски прашања попладнево, Мицкоски рече дека Груби се најде на црната листа на САД не од политички причини, туку поради сомневања за сторен криминал.

„Лицето е на листата на санкции на САД. Јасно се наведени причините зошто се наоѓа на листата на санкции – поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал, Обвинителството поведе истрага, а судот, како што сум информиран, изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена. Тука не станува збор за политички причини, туку очигледно има нешто поинакво од политиката, односно постои основано сомневање за сторен криминал. Не очекувам дека ќе добие политички азил, но тоа, сепак, е одлука на оние што би влегле во една таква процедура. Јас тука не би можел да додадам или одземам нешто“, рече премиерот Мицкоски.

Поранешниот вицепремиер и министер, Груби, на 9 декември, и ексдиректорот на „Државната лотарија“, Перпарим Бајрами, се најдоа на црната листа на САД.

Пет дена подоцна, на 14 декември, Груби избега од земјата преку граничниот премин Блаце иако првично преку социјалните мрежи тврдеше дека не ја напуштил државата, туку патувал во приватна посета.

На 17 декември Кривичниот суд на двајцата им одреди 30-дневен притвор под сомневање дека направиле финансиски малверзации вредни 501 милион денари, а еден ден подоцна, на 18 декември, МВР издаде меѓународни потерници за двајцата.

Поранешниот директор Бајрами, пак, како што кажа неговиот адвокат Антонио Апостолски, не е во земјата веќе неколку месеци.