Граѓаните на протестен марш во Загреб: „Нападот врз вас е тероризам, а нападот врз децата е инцидент“

Макфакс

23/12/2024

20:25

356

Големина на фонт

а а а

Бројни граѓани учествуваа на протестниот марш „За безбедно училиште“, кој започна во 18 часот во Загреб, за да укаже на важноста на безбедноста во училиштата по трагичниот настан што се случи во петокот во основното училиште Пречко.

Како што информираат регионалните медиуми, најавен е и собир и палење свеќи пред сите училишта во Хрватска. Тие ги повикаа сите да им се придружат – родители, наставници, граѓани.

„Сакаме да бидеме светлина на општеството, а не да носиме свеќи“, „Кога една мајка плаче, сите мајки плачат“, „Учителка – храброст“, „Се ни земавте, децата нема да ви ги дадеме “, „Напад на вас е тероризам, а нападот врз децата е инцидент!“, „Удобни фотелји – крвави училишни клупи“, беа дел од транспарентите што ги носеа дел од учесниците.

Организатори се три образовни синдикати – Хрватскиот наставнички синдикат, Препород и Самостојниот синдикат на вработените во средните училишта, кои потенцираат дека безбедноста во училиштата е заедничка цел и дека е неопходно да се подигне, а маршот го поддржаа и 50 здруженија и мрежи.

Повод беше трагичниот настан кој се случи на 20 декември, кога деветнаесетгодишник влегол во основното училиште Пречко и со нож нападнал наставничка и неколку ученици. Во нападот загина едно дете, а ранети се три деца и наставничката.

„Ако нешто може да ја подигне оваа нација, тоа е голема неволја. Сите кои сочувствуваат со жртвите ќе бидат со нас вечерва. Сакаме да испратиме порака дека овој проблем мора да се реши“, изјави Жељко Стипиќ, претседател на Самостојниот синдикат на науката и високото образование за „Индекс“.