Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, обвини дека поранешниот амбасадор во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, направил значителни финансиски злоупотреби во текот на својата дипломатска должност. Според Муцунски, истрагата на министерството покажала штета во износ од шест цифри во евра, а извештајот ќе биде доставен до надлежните институции до крајот на месецот.
„Треба да му биде на секого јасно дека тоа што го видов, сум загрижен. Вакви состојби не смеат да се повторуваат како што се случувале во изминатите години. Индициите укажуваат на штета во шестоцифрен износ. Беше споменат и терминот тужба, но и другата страна ќе има право да приложи свои аргументи и докази,“ изјави Муцунски.
Министерот истакна дека постапката сè уште е во тек, поради што деталите не можат целосно да се откријат, но увери дека ќе се постапува според законските процедури.
На обвинувањата на Муцунски, Љубомир Фрчкоски возврати со отфрлање на наводите, нарекувајќи ги манипулативни и наивни. Тој јавно го повика министерот да презентира конкретни докази за злоупотреба на јавни средства.
„Го повикувам министерот јавно, со минимум аргументи и докази, да покаже случај на финансиска злоупотреба, дури и ако е во двоцифрен износ. Покажете го тоа што наводно сум го направил надвор од овластувањата и со кое сум го оштетил буџетот или приватно сум злоупотребил средства,“ рече Фрчкоски.
Тој го обвини министерот за спроведување „вмровски истраги“ и користење нелиценцирани ревизори, што, според него, е правно проблематично и не може да се користи како основа за правна постапка.
„Министерот прави елементарни правни пропусти за да добие посакуван резултат со конструирање на наводни злоупотреби. Ако навистина има намера да дојде до вистината, нека води нормални истраги, а не политички инспирирани обвинувања,“ додаде Фрчкоски.