Поранешниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски е недостапен за полицијата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги демантираше вчерашните објави во некои од медиумите дека Ковачевски се откажал од македонско државјанство и рече дека институциите работат на негово обезбедување.
„Лицето не е достапно на органите на прогон. Органите на прогон ќе сторат се во рамки на нивната законска надлежност за постапување се со цел истото да биде обезбедено и биде изведено пред лицето на правдата. Вчера имаше многу шпекулации во однос на тоа каде се наоѓа, во делот на тоа дали се откажал од македонско државјанство и во делот на тоа дали има македонско државјанство посоченото лице. Она што е факт е дека посоченото лице е во рамки на регистарот на државјани на Македонија, истото е македонски државјанин и не побарало отпуст согласно информациите кои ги имам во овој момент“, рече денес министерот Тошковски.
Тој уверува дека органите на прогон и надлежните институции, секој во рамки на своите надлежности, работат за да го изнесат Ковачевски пред судот. Полицијата трага по Ковачевски од вчераутро кога 23 лица беа уапсени под сомнение дека се здружеиле и направиле криминал тежок над 6,5 милиони евра во ЕСМ, РЕК „Битола,“ ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино.