Едно лице загина по уривањето на зградата во Хаг, се трага по исчезнатите

Макфакс

07/12/2024

18:34

1.239

Големина на фонт

а а а

Едно лице загина, тројца се повредени, а непознат број луѓе се водат за исчезнати кога денеска се урна зграда во Хаг како последица на експлозија и пожар, изјави градоначалникот на холандскиот град.

Јан ван Занен на прес-конференцијата рече дека се верува оти другите кои исчезнале се затрупани под урнатините.

„Шансите да се најдат живи се многу мали“, рече тој.

Причината за катастрофата, која се случила нешто по 6 часот по локално време, не е позната. Ван Заен рече дека прво имало помала експлозија, а потоа и поголема.

Полицијата ги повикува сите кои виделе автомобил додека со голема брзина се оддалечува од местото на несреќата или оние кои имаат видео снимки од инцидентот да се јават.

Сликите од местото на несреќата објавени на мрежата Х се од блиската висококатница. Тие покажуваат дека делот од зградата во кој беа сместени пет стана сега е претворен во урнатини.

Премиерот Дик Шуф ​​рече дека е шокиран од веста и им понуди помош на локалните власти.