Русија го затвора полскиот конзулат во Санкт Петербург: „Тие водат антируска политика“

Макфакс

06/12/2024

08:08

1.233

Големина на фонт

а а а

Русија ќе го затвори полскиот конзулат во Санкт Петербург, соопшти вчера руското Министерство за надворешни работи.

Тројца членови на дипломатскиот персонал кои работат таму се прогласени за непожелни лица и мора да ја напуштат земјата до 10 јануари, се вели во соопштението.

Овој чекор е одговор на затворањето на рускиот конзулат во Познањ, што го направи полското Министерство за надворешни работи на крајот на ноември.


„Полските власти во последните години водеа отворена антируска политика и речиси целосно ја уништија архитектурата на руско-полските односи што се градеше со децении“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го оправда затворањето на рускиот конзулат во Познањ со информациите дека Русија стои зад обидите за саботажа во Полска и сојузничките земји.

Полска, членка на ЕУ и НАТО, е еден од најпосветените политички и воени поддржувачи на Украина, па затоа Кремљ ја смета за непријател.

Сикорски рече дека овој чекор на Русија не е изненадувачки и дека Полска кон него се однесува со „достоинствена рамнодушност“.