Русин и Американец се расправаа во Советот за безбедност за Сирија: Немате храброст да го осудите очигледниот тероризам

Макфакс

04/12/2024

08:05

1.785

Големина на фонт

а а а

Русија и САД се судрија вчера на состанокот на Советот за безбедност на ОН, свикан поради ненадејната ескалација на конфликтот во Сирија, обвинувајќи се меѓусебно за поддршка на тероризмот.

Сириските бунтовници го зазедоа градот Алепо минатата недела, во напад започнат од групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС). Станува збор за поранешното сириско крило на Ал Каеда, со кое ги прекинаа врските во 2016 година, а ги паметат по нивното поранешно име Нусра Фронт.


Заменик-амбасадорот на САД во ОН Роберт Вуд повика на заштита на цивилите по ескалацијата на конфликтот. „Фактот дека ХТС е на листата на терористички организации на САД и ОН не ги оправдува злосторствата на режимот на Асад и неговите руски сојузници“, рече Вуд, кој ги обвини сирискиот претседател Башар ал Асад и Русија за цивилните жртви во напади во училишта и болници.


Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, одговори дека САД немаат храброст да го осудат очигледниот терористички напад врз „мирните цивили во мирните сириски градови“. „Се сомневам дека Вашингтон некогаш искрено ќе се бори против меѓународниот тероризам. Искрено, ни е мило што во овој момент сме на спротивните страни на барикадите“, рече тој.

Вуд возврати дека рускиот амбасадор не е во позиција да држи предавања, имајќи предвид дека Москва „поддржува режими кои го спонзорираат тероризмот ширум светот“. „САД со децении се борат против злото на тероризмот и ќе ја продолжат таа борба“, рече тој.