Владата, во овој момент, не размислува за прифаќање на предлогот на Фискалниот совет, односно за зголемување на возраста на која вработените ќе одат во пензија.
Владината портпаролка, Марија Митева, рече дека Владата анализира како да се стабилизира состојбата со дупката во буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ја отфрла можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години.
„Остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент, она што направивме е усогласување на пензиите од 5.000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој што се работи“, рече портпаролката.
Фискалниот совет претходно предложи зголемување на возраста за пензиноирање. Според Фискалниот совет, буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е голема, а линеарните зголемувања од 2.500 денари ќе придонесат Фондот на долг период да не биде одржлив.