Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари средба со британскиот комесар за трговија за Европа, г. Крис Бартон, како и со британскиот амбасадор во Северна Македонија, г. Метју Лосон.
На средбата се разговараше за можностите за зголемена соработка, особено во енергетскиот сектор, со акцент на исполнување на заедничките цели за енергетска стабилност, независност и зелена енергетска транзиција.
Министерката Божиновска го истакна значењето на британската поддршка и посочи дека нашите цели се модернизацијата на енергетската мрежа, подобрувањето на капацитетите за складирање електрична енергија и унапредувањето на обновливите извори на енергија. Од британска страна беше потенцирана подготвеноста за вложувања и поддршка на реформите во енергетиката, како дел од заедничките заложби за намалување на емисиите на штетни гасови и обезбедување на одржлива енергија.
Бартон, кој ја посети Македонија по трет пат, ја нагласи важноста на партнерството меѓу двете земји, додека амбасадорот Лосон истакна дека Велика Британија и Македонија веќе успешно соработуваат во неколку клучни области, а енергетиката е стратешки приоритет за понатамошно продлабочување на односите.
Оваа средба претставува значаен чекор кон отворање нови можности за инвестиции и зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Велика Британија, со цел градење стабилна, независна и зелена енергетска иднина.