Јаловите напади на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за нивната нервоза и страв од промените во СДСМ, вели опозициската партија

Макфакс

28/11/2024

10:44

165

Големина на фонт

а а а

„Обидите на ДПМНЕ да ги прикаже новите кадри на СДСМ како „стари и потрошени“ се ништо друго освен јалов напад кој го одразува нивниот страв од вистинските промени што се случуваат во СДСМ. Со ваквата реторика, владејачката партија уште еднаш покажува дека е неспособна да понуди решенија за проблемите на граѓаните, па се фокусира на празни и безсодржајни критики кон опозицијата“, реагира СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Изборот на новото раководство на СДСМ е доказ за освежување, нова енергија и силна визија за иднината. Станува збор за професионалци со интегритет, кои немаат политички багаж и кои ја претставуваат модерната социјалдемократија. Нападите на ДПМНЕ само ја потврдуваат нивната нервоза пред овој силен и решителен чекор на СДСМ да ги постави темелите за ново, посилно политичко делување.

Ваквите напади се безуспешен обид да се дискредитира еден демократски и транспарентен процес, со кој СДСМ избра раководство подготвено да ги врати партиските вредности и довербата на граѓаните. Наместо да се занимаваат со сопствените скандали, неуспеси и неспособност за управување со државата, ПМНЕ се обидува да манипулира со јавноста преку излитени и невистинити тврдења.

СДСМ ќе продолжи да гради нова и прогресивна партија која ќе биде блиску до своите членови, симпатизери и граѓаните, без разлика на очајните обиди на ДПМНЕ да го наруши овој процес. Граѓаните веќе ја препознаваат разликата: додека СДСМ се менува и работи за иднината, ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во старите шаблони на манипулација и деструктивност“, се додава во реакцијата на СДСМ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг