Калин Георгеску, не толку познат политичар од екстремната десница, го искористеше Тикток за ширење на своите антиевропски и анти-НАТО пораки и за да победи во првиот круг од претседателските избори во Романија.
Малку познатата, екстремно десничарска политичка фигура ги изненади анкетите и ги збуни експертите со победата на изборите на 24 ноември, победувајќи ги фаворитите, вклучително и левичарскиот премиер Марсело Чиолаку од Социјалдемократската партија – со децении доминантна романска партија.
Успехот на Георгеску во голема мера се должи на неговата кампања на социјалните мрежи, која очигледно помина под радарот на многумина експерти. Додека беше присутен и на Фејсбук и на Јутјуб, тој водеше и вешта кампања на Тикток, градејќи поддршка и поврзувајќи се со милионска публика.
Тикток, лансиран на глобално ниво во 2017 година, сега е една од најпопуларните веб-страници на интернет, а дури и го надмина Гугл во 2021 година, со милиони луѓе привлечени од неговите кратки снимки со алгоритми кои работат на персонализирање на содржините за секој корисник.
Иако повеќето го користат Тикток за забава, многумина луѓе, особено помладата генерација, токму таму ги добиваат информации. Во САД, околу половина од корисниците на Тикток помлади од 30 години велат дека го користат за да следат политика и вести, според „Pew Research Center“, пренесува Радио Слободна Европа.
Како и секаде, така и во Романија популарноста на Тиктокот вртоглаво порасна. Во февруари 2019 година, постоеја само 175.000 корисници Тикток на возраст помеѓу 14 и 65 години, додека до почетокот на 2024 година, таа бројка порасна на 8,97 милиони корисници.
Многумина од водечките романски претседателски кандидати имаат профили на Тикток, вклучително и Чолаку и прозападната либералка Елена Ласкони, кандидатката со која Георгеску ќе се соочи во вториот круг од претседателските избори на 8 декември. Но, се чини дека само Георгеску успеал да го искористи целосниот потенцијал на платформата, во сопственост на кинеската компанија „ByteDance“.
Многумина од гласачите на Георгеску беа млади. Во објава на Фејсбук, социологот Ремус Стефуреак кажа дека податоците од гласањето покажуваат дека „31 отсто од младите од 18-24 години гласале за г. Георгеску, наспроти само 8 отсто од гласачите постари 65 години“. Штефуреак, исто така, додаде дека гласачите помлади од 44 години имаат поголема веројатност да гласаат за Георгеску во споредба со гласачите постари 45 години.
Георгеску ја искористи фрустрацијата на гласачите поради инфлацијата и корупцијата, ги обвини ЕУ и НАТО за голем дел од неволјите во земјата и тврдеше дека романскиот „суверенитет“ бил нарушен. Тој, исто така, го пофали Јон Антонеску, романскиот де факто водач од Втората светска војна, кој беше осуден на смрт за неговата улога во романскиот холокауст, и Корнелие Зелеа Кодреану, водачот на Железната гарда пред Втората светска војна--еден од најголемите насилни антисемитски движења во Европа.
За време на неговата кампања, тој редовно го критикуваше членството на земјата во НАТО и ЕУ и нејзината поддршка за Украина во нејзината борба против инвазијата на руските сили. Во телевизиско интервју само неколку денови пред претседателските избори на 24 ноември, Георгеску повика на прекин на помошта за Украина.
Едно од неговите најпопуларни видеа на Тикток вклучуваше лажни тврдења дека децата бегалци од Украина добивале поголема владина помош од романските деца.
„Дали знаете колку изнесува додатокот за дете во Украина? Што му нуди Романија, романската држава? Ќе ви кажам--3.700 леи (780 долари), а за романското дете истиот додаток е 248 леи, за иста возраст“, рече Георгеску во видеото на Тикток објавено на 5 ноември. Тврдењата кои тој ги изнесе подоцна беа проверени и беше утврдено дека се лажни.
И покрај лажните тврдења, видеото на Тикток – еден дел од неговото подолго интервју државната телевизија, се покажа популарно, со 5,1 милиони прегледи и повеќе од 213.000 лајкови.
Георгеску повеќе се потпираше на Тикток за пренесување на неговите пораки во споредба со неговите противници, изјави Драгош Станка, медиумски експерт од Романија.
„Калин Георгеску е идеален за дигиталните медиуми, особено за Тикток. Продади сон, продади визија“, изјави Станца во интервју за романскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Социјалните медиуми не се создадени за да нè информираат, туку да нè претворат во купувачи. А предмет на продажба можат да бидат и идеите, а г. Георгеску продава идеи што се забележани на социјалните мрежи“, додаде Станка.
Креиран во есента 2022 година, профилот на Георгеску на Тикток сега има 260.000 следбеници и 3,6 милиони лајкови. Една од неговите најуспешни стратегии е земањето извадоци од неговите интервјуа, најчесто од телевизија, и објавување клипови од нив на Тикток.
Телевизиското интервју на „Digi24“ од 13 ноември имаше нешто повеќе од 70.000 прегледи на веб-страницата на тој канал, но клипот од истата емисија објавен на Тикток профилот на Георгеску собра 4,1 милион прегледи.
„Јас се кандидирам за Романија, не за Украина. Ниту моите поддржувачи, ниту романскиот народ не се заинтересирани за Путин или Украина. Тие се заинтересирани за Романија. Да го направиме тоа добро, нека има благосостојба, да бидеме среќни, нека има стабилност, нека има безбедност“, кажа Георгеску во клипот кој собра 241.000 лајкови, 14.000 споделувања и скоро 8.000 коментари на Тикток.
Друг Тикток клип од истото ТВ интервју го покажува Георгеску како избегнува да одговори на прашање за тоа што мисли за Путин. „Гледам дека сте многу упорни по ова прашање. Зошто не инсистирате на проблемите на романскиот народ? Зошто не инсистирате на проблемот со сиромаштијата, на проблемите на лицата со посебни потреби, на проблемите на луѓето кои продаваат бубрези?“, изјави Георгеску во видеото кое имаше 3,1 милион прегледи на Тикток.
Покрај тоа што ги презентираше своите политички ставови, Георгеску исто така го користеше Тикток и за објавување видеа на кои оди во црква, трнира џудо и трча, а очигледно во обид да го разубави својот имиџ на христијанин со „чист“ живот.
За да се осигури дека неговите клипови на Тикток ќе бидат видени од најшироката можна публика, Георгеску ги повикуваше своите следбеници да ги споделуваат и промовираат со хаштагови кои го вклучуваат неговото име.
Во нешто што изгледаше како добро координирана кампања, кратките видеа со размислувањата на Георгеску беа споделувани од илјадници други профили, а некои со неговото име во насловот на профилот, а други едноставно објавуваа со хаштагот #călingeorgescu.
Хаштаговите и клучните зборови со името на екстремно десничарскиот популист сè повеќе се ширеа како што се приближуваше првиот круг од претседателските избори.
Со оглед на тоа дека романскиот Тикток беше бомбардиран со терминот – Калин Георгеску – платформата почна автоматски да го вметнува неговото име во полето за пребарување, што е стандардна практика на Тикток со популарните и клучните зборови кои се во тренд.
Тикток стратегијата досега функционираше за аутсајдерот Георгеску, но прашање е дали ќе функционира повторно на 8 декември, кога во вториот круг ќе се соочи со Ласкони.