Иран ги активира новите напредни центрифуги: „Сега ќе можат да направат неколку нуклеарни бомби“

Точка

22/11/2024

20:24

1.048

Големина на фонт

а а а

Иран денес најави дека ќе активира нови напредни центрифуги, кои го збогатуваат ураниумот за нуклеарната програма на земјата, откако Обединетите нации го критикуваа Иран поради недостатокот на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија („IAEA“).

Заштита на интересите на државата

Иран ќе активира „значителен број нови и напредни центрифуги од различни видови“, објави државната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на заедничка изјава на иранското Министерство за надворешни работи и Организацијата за атомска енергија на Иран.


„Се преземаат чекори за заштита на интересите на земјата и понатамошниот развој на мирољубивата нуклеарна енергија во согласност со националните потреби и права на Иран“, пишува во соопштението на ИРНА.

Центрифугите може да се користат за производство на нуклеарно оружје

Имено, како што пишува Си-ен-ен, вбризгувањето на гас во центрифугите е дел од процесот на збогатувањето на ураниумот, кој на крајот би можел да се користи за изработка на нуклеарно оружје, иако Иран постојано демантираше дека имаат амбиции да направат бомба.


Овој потег доаѓа како одговор на резолуцијата на „IAEA“, усвоена вчера, со која се повикува Иран итно да ја подобри соработката со агенцијата, пренесува Ројтерс. „IAEA“ и Иран долго време имаат меѓусебни несогласувања околу различни прашања, вклучително и трагите од ураниум пронајдени на локации кои не се декларирани како нуклеарни објекти. Одборот на „IAEA“ вчера исто така побара од агенцијата да состави процена околу тоа дали Иран има непријавени нуклеарни материјали како и за нивото на неговата соработка со организацијата.


Иран ја осуди резолуцијата, тврдејќи во заедничка изјава дека таа е политички мотивирана, пишува ИРНА. Во соопштението се додава дека Иран ќе ја продолжи техничката и безбедносната соработка со „IAEA“ во согласност со претходните договори.

Иранското Министерство за надворешни работи во вчерашното соопштение наведува дека резолуцијата е донесена „под притисок и инсистирање на три европски земји и САД“ и предупреди дека може да предизвика „соодветна реакција од иранска страна“.

Иран може да направи „неколку“ нуклеарни бомби

Иранците тврдат дека нивната нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели. Но, шефот на „IAEA“, Рафаел Мариано Гроси, претходно предупреди дека Техеран има доволно ураниум – збогатен речиси до нивото потребно за да направи „неколку“ нуклеарни бомби, доколку се одлучи да го стори тоа. Гроси призна дека агенцијата на ОН не може да гарантира дека ниту една од иранските центрифуги не била наменета за тајно збогатување.

Израелскиот министер за одбрана Гидеон Саар, исто така, ја пофали резолуцијата на „IAEA“, пишувајќи на социјалната мрежа „X“: „Нуклеарната трка на Иран мора да биде запрена. Резолуцијата е важен дел од дипломатските напори во спречувањето на Иран да се здобие со нуклеарно оружје“.

Една до две недели се потребни да се произведе доволно материјал за нуклеарно оружје

Според условите на нуклеарниот договор постигнат во 2015 година, Иран беше ограничен на користење на околу 5.000 постари модели на центрифуги, додека напредните центрифуги можеа да се користат само за истражувачки цели.


Но, Техеран постепено ги намалуваше своите обврски од нуклеарниот договор откако тогашниот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот во 2018 година и повторно воведе економски санкции за Иран, што тешко ја погоди иранската економија. До 2019 година, Иран почна да воведува нови центрифуги, што значеше значително отстапување од договорот.


Претходно оваа година, американскиот државен секретар Ентони Блинкен кажа дека времето кое му е потребно на Иран за производство на доволно количество материјал за нуклеарно оружје е „веројатно една или две недели“, што е најкраток период кој некогаш го споменале американските официјални лица.



Спонзорирани линкови

Маркетинг