Угледните англиски медиуми вчера ексклузивно пренесоа дека Пеп Гвардиола донел конечна одлука да остане во Манчестер Сити, па сега заедно со него ќе се носат нови важни одлуки за следните чекори кои ќе бидат преземени во тимот, но и на трансфер пазарот.
Тешката повреда на Родри и отсуството на Де Брујне покажаа дека Гвардиола сепак нема доволно посакувани ресурси во средниот ред како што замислува, а како интересна опција за овој дел од теренот веќе подолго време се споменува Бруно Гимараеш.
Капитенот на Њукасл кој е и бразилски репрезентативец сега даде интересна изјава за неговата врска со Гвардиола во интервју за домашниот „Глобо“, откривајќи дека е лично запознаен со мислењето кое го има Пеп за неговата игра.
– Јас сум идол на фановите во мојот актуелен клуб и имам многу респект за нив. Јас сум капитен на Њукасл и тоа е нешто што не можев да го замислам пред три години. Сакав само да играм во Премиер лигата, сега имам многу повеќе од тоа.
– Сега играм редовно, станав идол и станав и капитен. Тоа е неверојатно и навистина ми е убаво во Њукасл. Секако, исто така ми годи интересот од Манчестер Сити и тоа покажува дека играм на највисоко ниво. Но, таму не постои ништо повеќе од интерес, немало ништо конкретно. Знам дека на Гвардиола му се допаѓа мојот фудбал, нормално е да има големи тренери на кои им се допаѓа мојот фудбал.
– Еднаш и лично зборував со Гвардиола. Јас имав само пофални зборови за неговата работа, а тој ме пофали за мојата работа на теренот. Немаше ништо повеќе од тоа, – открива Гимараеш.