Сведочење на Ерол Османи, близок соработник на Палевски: Палчо беше кај мене дома ден по убиството на Вања, ми поправаше котел за греење

Нетпрес

20/11/2024

12:51

2.268

Големина на фонт

а а а

Сведочењето на Ерол Османи, кој имал долгогодишна соработка со обвинетиот Љупчо Палевски, денеска внесе нова димензија во судењето за двојното убиство, како човек кој го познава Палчо долго време.

На прашање од Обвинителството за средбата на 28-ми ноември минатата година, Османи објасни дека Палчо му се јавил претходниот ден и ја одложил посетата заради настинка.

- На 27 ноември минатата година целиот ден го барав на „Фејсбук“ за да ми го среди парното, поточно котелот, но ми рече дека е настинат. Дојде следниот ден, но не ми кажа каде бил претходниот, објасни на денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведокот Ерол Османи, пријател на првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо.


- Ќе дојдам бе сабајле, како камион да ме згазил, му напишал Палевски на Османи на 27 ноември во вечерните часови.

Според него, Палчо пристигнал кај него на 28-ми ноември со бело возило.

„Беше некое пикап бело, мислам француско возило. Забележав вдлабнатина на возачката врата,“ додаде тој.

На прашањето од јавниот обвинител дали Палчо некогаш доаѓал со оружје, Османи одговори: „Не.“


Османи истакна дека нивната комуникација обично се одвивала преку телефон или Фејсбук, месинџер, бидејќи Палчо често не одговарал на телефонските повици.

Во своето сведочење, Османи ги спомена и здравствените проблеми на Палчо, истакнувајќи дека знаел за неговите проблеми со кичмата.

„Знам дека имаше последните две години проблем со кичмата, но не ми спомена дека планира патување и лекување,“ рече Османи.


Во вкрстеното испрашување Османи потврди дека на 28-ми ноември имал комуникација со Палевски.

„Во 11:42 ми потврди дека ќе дојде. Ми рече дека е на подкаст во живо, ќе ја земе ќерка му од Алкалоид и потоа ќе дојде кај мене,“ објасни Османи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг