Иако одлуката на Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади врз цели во Русија предизвика бројни предупредувања и закани од Москва, речиси е сигурно дека тие нема да доведат до поголема ескалација.
Историчарот на Студената војна Сергеј Радченко, од Одделот за напредни меѓународни студии на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, е меѓу оние кои сметаат дека одговорот на Русија би можел да биде ограничен.
Како што напиша во анализата објавена во британскиот „The Spectator“, малкумина веруваат дека украинските напади врз територии во Русија ќе го променат исходот од оваа војна. Да се потсетиме, првата употреба на западните ракети во Русија би била во Курск, каде десетици илјади руски војници се обидуваат да ги избркаат елитните украински бригади кои ги потиснаа уште на почетокот на август.
„Меѓутоа, ако на Украина ѝ биде дозволено да ги користи овие ракети, тоа би можело да ги ослаби руските напади врз нејзината енергетска инфраструктура, заканувајќи се со напади врз слични цели длабоко во Русија“, пишува професорот.