Мистеријата околу смртта на пејачот Лијам Пејн, кој почина на 16 октомври откако падна од третиот кат во хотел во Буенос Аирес, останува нерешена. Полицијата во Аргентина неодамна обвини три лица за нивната вмешаност во оваа трагедија, а меѓу нив е и келнерот Брајан Нагел Паис, кој во истрагата се наведува како дилер на дрога кој ја снабдувал музичката ѕвезда со наркотици, а кој сега се огласил во локална телевизија.
Лиам Пејн го сретнал овој келнер двапати, вели Паис, додавајќи дека заедно со пејачот консумирал дрога. Но, тој тврди дека не доставувал наркотици на некогашниот пејач на „One Direction“ и дека никогаш не зел пари од него.
„Беше дрогиран кога првпат се сретнавме, неговата девојка го знаеше тоа“
Според зборовите на ова 24-годишно момче, тој и Лијам Пејн се сретнале во ресторан во луксузниот кварт Пуерто Мадеро каде работел Паис, а каде пејачот бил на вечера со неговата девојка Кејт Кесиди и уште две лица.
Паис бил многу нервозен за време на интервјуто, па водителот мораше да го замоли дополнително да разјасни некои работи за гледачите да разберат. Меѓу деталите што ги открил во тој разговор е дека пејачот користел „таен“ профил на Инстаграм за да комуницира со Паис.
Нивната прва средба се случила на втори октомври во друг хотел во кој престојувал пејачот пред да се пријави во „КасаСур Палермо“ каде и се случила трагедијата.
„Никогаш не му доставував дрога на Лиам. Неговиот прв контакт со мене беше на моето работно место. Разменивме детали и се видовме подоцна таа вечер. Сè беше нормално. Тој дојде од неговата хотелска соба да ме земе бидејќи бев изгубен“, зборувал Паис.
Тој раскажал дека станувало збор за хотелот „Хајат“ и додал: „Се собравме таму и ми покажа дел од музиката која требаше да ја изведе. Слушнав како луѓето велеа дека се дрогира, но вистината е дека тој веќе беше под влијание на дрога кога дојде во ресторанот каде што работев и не јадеше ништо.
Судејќи по неговата приказна, девојката на Пејн знаела дека тој се дрогира пред трагедијата, а Аргентина ја напуштила неколку дена пред да почине пејачот.
„Ја поминавме ноќта заедно, земаше кокаин, тоа ми делуваше нормално“
„Ми пријде и ми ги побара информациите за контакт. Му го кажав мојот профил на Инстаграм, а тој ми испраќаше пораки дека сака да се дрогира иако веќе претходно консумираше наркотици. Беше втори октомври. Додека бев во неговата соба, испивме неколку чаши виски“, пренесува „Дејли мејл“.
Потоа покажал слика на која е со Лиам Пејн, а таа фотографија е направена на првата средба.
Втората средба се случила на 13 октомври во хотелот „КасаСур Палермо“.
„Ја поминавме ноќта заедно, консумиравме дрога и вистината е дека се случи нешто интимно.
Таму останав цела ноќ. Јас користев марихуана, а тој консумираше кокаин, кокаинот што го има на сите фотографии кои беа објавени по неговата смрт.
Го разделуваше и чистеше пред да го земе. Не му зборував ништо затоа што ми изгледаше нормално. Воопшто не беше агресивен, се однесуваше многу добро со мене, беше многу мил. Ме праша дали сум добро. Ги имам сите пораки каде ја договоривме таа втора средба. Ништо не избришав“.
Паис бил збунет околу тоа што се случило во текот на ноќта, но напомнал дека пејачот бил преплашен кога се разделиле, па наместо да ја стави картичката од собата во клучалката, ставил грст хартија за да ја одржи вратата отворена.
„Не разбирав што се случува, но сепак сфатив дека нешто чудно се случува. Се дрогиравме заедно, но никогаш не му однесов дрога, ниту пак зедов пари. Имам пораки каде ми нуди пари бидејќи очигледно тој беше навикнат да нуди пари за сè, но јас никогаш ништо не прифатив.
Кога заминав, тој сакаше да ми подари дел од неговата облека како спомен дека сум бил со него, но ги оставив зад телевизорот бидејќи не сакав да ги земам. Тоа беа сиви панталони за џогирање и маица.
Му кажав на Лиам дека мојот најдобар пријател сака да го запознае затоа што е негов обожавател. Тој се согласи и откако заминав се појави надвор од местото каде што живеев и успеа да влезе и сакаше да се вратиме во хотелот, но јас му реков дека не можам затоа што морав да одам на работа.
Требаше да тргнам во 11:30, но морав порано. Тоа беше последен пат кога го видов. Се качи во такси и си замина“.
Тој истакнал дека не ги познава другите осомничени. „Кога ги видов фотографиите од внатрешноста на хотелската соба на Лиам, ништо немаше смисла за мене. Пакетот со сапун беше таму кога престојував во хотелот, но не можев да разберам за што е, ниту свеќите и чашата вода“.
Аргентинската полиција која ја истражува смртта на Лиам сè уште го бара „Ролекс“ часовникот на пејачот.
Во крвта на Пејн биле пронајдени алкохол, кокаин и антидепресиви кои се даваат на рецепт, соопштиле властите. Обдукцијата покажала дека тој починал од повеќе повреди, како и од внатрешно и надворешно крвавење предизвикано од падот.