Што го очекува светот по победата на Трамп: Анализа на „BBC“ околу неговите планови за Русија, Украина, НАТО и Кина

Точка

07/11/2024

21:54

3.582

Големина на фонт

а а а

Враќањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа ќе ја преобликува надворешната политика на САД, ветувајќи потенцијални радикални промени на повеќе фронтови додека војната и неизвесноста „притискаат“ одредени делови од светот.

Ова го вели Том Бејтмен, репортер на „BBC“ од Стејт департментот кој ги следеше претседателските избори во САД во Вашингтон, во неговата опсежна анализа на глобалните планови на Трамп по неговиот реизбор.


За време на предизборната кампања, Трамп даде генерални политички ветувања на кои често им недостасуваа конкретни детали, а кои беа засновани врз принципите на воздржување од интервенционизам и спроведување на трговски протекционизам, сумирани во слоганот на Трамп „Америка на прво место“.

Бејтмен вели дека победата на Трамп го сигнализира едниот од најзначајните потенцијални прекини во последните години со начинот на кој Вашингтон пристапува кон надворешните работи во момент на паралелни кризи ширум светот.

Репортерот на „BBC“ направи процена на начинот на кој Трамп веројатно ќе им пристапи на различните прашања и тоа врз база на неговите коментари во предизборната кампања и врз база на она што новоизбраниот шеф на Белата куќа веќе го правел додека беше на власт во текот на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година.

Русија, Украина и НАТО

Во текот на кампањата, Трамп постојано повторуваше дека „за еден ден“ може да стави крај на војната меѓу Русија и Украина.

На прашањето како има намера да го направи тоа, тој го предложи посредството во постигнувањето на договорот, но одби да даде конкретни детали.


Во една истражувачка студија од мај оваа година, напишана од двајца поранешни функционери за национална безбедност на Трамп, беше наведено дека САД треба да продолжат со испраќање на оружје во Украина, но таа поддршка да ја условат со влез на Киев во мировни преговори со Русија.

За да ја заинтересира Русија, Западот ќе вети дека ќе го одложи влезот на Украина во НАТО.

Поранешните советници кажаа дека Украина не треба да се откаже од надежта дека ќе ја врати својата територија која е под руска окупација, но треба да преговара врз основа на сегашните линии на фронтот.

Демократските противници на Трамп, кои го обвинуваат за додворување на рускиот претседател Владимир Путин, велат дека неговиот пристап кон Украина е еднаков на предавање и ќе ја загрози цела Европа. Трамп постојано тврдеше дека неговиот приоритет е да и стави крај на војната и да го запре одливот на американските ресурси.

Не е познато до кој степен оваа студија на поранешните советници ги претставува личните ставови на Трамп, но многу е веројатно дека може да понуди насоки околу тоа какви совети ќе добие Трамп.


Пристапот на Трамп за ставање крај на војната заснован врз слоганот „Америка на прво место“ се однесува и на стратешкото прашање за иднината на НАТО, трансатлантската воена алијанса заснована врз принципот „сите за еден, еден за сите“, воспоставена по Втората Светска војна со цел да биде бедем на одбрана против Советскиот Сојуз.

НАТО сега има 32 членки, а Трамп е одамна скептичен спрема овој воен сојуз и ја обвини Европа за „бесплатно шлепање“ врз основа на имплицитната американска заштита.

Дали Трамп на крајот ќе ги повлече САД од НАТО, што би претставувало најзначајна промена во трансатлантските одбранбени односи во последните речиси 100 години, останува прашање за дискусија.


Некои од неговите сојузници сугерираат дека цврстиот став на Трамп е само преговарачка тактика за принудување на земјите-членки да ги исполнат насоките за трошоците за одбраната на кои се обврзале.

Но, реалноста е дека лидерите на НАТО ќе бидат сериозно загрижени околу тоа што значи неговата победа за иднината на алијансата и останува да се види како ефектот на одвраќање на Трамп го доживуваат непријателските лидери.

Блискиот исток

Како и во случајот со Украина, Трамп вети дека ќе донесе „мир“ на Блискиот исток – навестувајќи дека ќе стави крај на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа и војната меѓу Израел и Хезболах во Либан, но не кажа точно како.

Тој постојано повторуваше дека, доколку тој беше на власт наместо сè уште актуелниот американски претседател Џо Бајден, Хамас немаше да го нападне Израел поради политиката на Трамп за „максимален притисок“ врз Иран, кој ја финансира оваа палестинска екстремистичка организација.


Веројатно е дека Трамп ќе се обиде да ѝ се врати на оваа политика, според која ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран, воведе построги санкции за Техеран и го уби генералот Касем Сулејмани, најмоќниот ирански воен командант,

Во Белата куќа, Трамп водеше енергична про-израелска политика, назначувајќи го Ерусалим за главен град на Израел и ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, потег кој ја налути христијанската евангелистичка база на гласачи на Трамп, клучниот гласачки блок на републиканците.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече Трамп „најдобриот пријател кој Израел некогаш го имал во Белата куќа“.

Но, критичарите тврдат дека неговата политика имала дестабилизирачки ефект врз регионот.

Палестинците ја бојкотираа администрацијата на Трамп, поради откажувањето на Вашингтон од нивното право на Ерусалим, градот кој претставува историскиот центар на националниот и верскиот живот за Палестинците.


Тие дополнително беа разбеснети кога Трамп посредуваше во таканаречениот „Абрахамски договор“, историски договор за нормализирање на дипломатските врски помеѓу Израел и неколку арапски, муслимански земји.

Арапските земји се согласија со договорите, иако според нивните одредби, Израел не мора да ја прифати идната соседна палестинска држава – таканареченото решение за две држави – што претходно беше услов на арапските земји за постигнување на таков регионален договор.

Наместо тоа, земјите-учеснички добија пристап до најсовременото американско оружје во замена за признавање на Израел.

Палестинците беа оставени на една од „најизолираните точки“ во нивната историја од единствената сила која навистина може да изврши притисок врз двете страни во конфликтот, дополнително намалувајќи ја нивната перципирана способност да се бранат на теренот.

Трамп даде неколку изјави за време на предизборната кампања велејќи дека сака војната во Појасот Газа да заврши.


Тој имаше сложени, повремено нефункционални односи со Нетанјаху, но тој сигурно има способност да изврши притисок врз Нетанјаху.

Тој, исто така, има историјат на цврсти врски со лидерите во клучните арапски земји кои имаат контакти со Хамас.

Не е јасно како Трамп ќе успее да најде рамнотежа помеѓу желбата да покаже силна поддршка кон раководството на Израел додека истовремено се обидува да ја доведе војната до крај.

Сојузниците на Трамп честопати ја прикажуваа неговата непредвидливост како дипломатска предност, но во екстремно конфронтирачки и нестабилен Блиски Исток среде криза од веќе историски размери, не е очигледно како тоа би се одвивало.

Трамп ќе треба да одлучи како – или дали – да продолжи со прекинатиот дипломатски процес кој го започна администрацијата на Бајден за да се постигне прекин на огнот во Појасот Газа во замена за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

Кина и трговија

Пристапот на Америка кон Кина е нејзината стратешки најважна област на надворешната политика и една од оние која има најголемо влијание врз светската безбедност и трговија.

Додека беше на власт, Трамп ја прогласи Кина за „стратешки конкурент“ и воведе царини за увоз на некои кинески стоки во САД.


Ова доведе до тоа Пекинг да возврати со иста мерка, со воведување царини за увоз на некои американски стоки.

Имаше напори за деескалација на трговскиот спор, но пандемијата на коронавирус го оневозможи тоа и односите се влошија кога поранешниот претседател го нарече Ковид „кинески вирус“.

И додека администрацијата на Бајден тврдеше дека применила поодговорен пристап кон Кина таа всушност задржа многу од увозните царини од времето на Трамп.

Трговската политика стана тесно поврзана со перцепцијата на домашните американски гласачи за заштита на работните места во производството во Америка – иако всушност повеќето од долгорочните падови на бизнисот во традиционалните американски индустрии како што е челикот имаат повеќе врска со автоматизацијата на фабриките и промените во производството отколку со глобална конкуренција и преместување на компаниите.


Трамп го фалеше кинескиот претседател Си Џинпинг како „брилијантен“, но „опасен“ и исклучително ефикасен лидер кој контролира 1,4 милијарди луѓе со „цврста рака“, што претставува дел од она што неговите противници го карактеризираат како восхит на Трамп кон „диктаторите“.

Многу е веројатно дека Трамп ќе се оддалечи од пристапот на администрацијата на Бајден за градење посилни американски безбедносни партнерства со другите регионални земји со цел да ја заузди Кина.

САД упорно му обезбедуваше воена помош на независниот Тајван, кој Кина го гледа како покраина која на крајот ќе мора да се врати под власт на Пекинг.

Трамп во октомври рече дека доколку се врати во Белата куќа, нема да мора да користи воена сила за да ја спречи кинеската блокада на Тајван, бидејќи претседателот Си многу добро знае дека тој е „е**но луд“ и дека ќе воведе исклучително штетни царини за увоз на кинеските стоки во САД.