Денес, се собравме заедно за да одбележиме еден важен ден за ромската заедница– Денот на ромскиот јазик, кој секоја година се прославува на 5 ноември. Овој ден претставува можност да се потсетиме на значењето на ромскиот јазик, како и на богатата култура и историја на ромскиот народ, кои се суштински дел од нашето општество.
Ромскиот јазик е многу повеќе од само средство за комуникација. Тој е симбол на идентификација, на култура и на единството на ромската заедница низ целиот свет. Преку него се пренесуваат приказни, обичаи, песни и танци, кои се одржуваат од генерација на генерација. Јазикот е она што ја врзува една заедница, што и дава чувство на припадност и ја одржува нејзината автентичност, истакна премиерот Христијан Мицкоски по повод денот на ромскиот јазик.
Нагласи дека во последните неколку децении, се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и култура.
„Сепак, се соочуваме со многу предизвици, бидејќи овој јазик е и понатаму под закана од губење поради асимилацијата и недостатокот на системска поддршка. Затоа, важно е да се потрудиме да ги охрабриме младите Роми да го зборуваат, учат и користат ромскиот јазик во нивните секојдневни животи. Образованието е од клучно значење. Но, за жал, постојат предизвици што спречуваат многу млади да ја добијат оваа шанса. Некои од нив се економските бариери, недостатокот на ресурси и нееднакви можности. Овие предизвици мора да ги надминеме заедно. Наша задача е да изградиме систем кој ќе овозможи квалитетно и достапно образование за сите. Токму затоа, инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Со вложување во образованието, ние вложуваме во градење генерации кои ќе бидат подготвени да ги решат проблемите на иднината. Младите кои ќе создаваат иновации, ќе промовираат позитивни промени, практично градат посилно и поодговорно општество“, нагласи Мицкоски.
Според Мицкоски треба да се потсетиме и на потребата од заедничка работа за поголема инклузија и поддршка на ромската заедница.
Сите ние, додаде тој, без разлика на етничката, религиозната или културната припадност, сме дел од една голема заедница – заедницата на човештвото. Оцени дека само заедно, со меѓусебно почитување и разбирање, можеме да создадеме свет каде што секој јазик, култура и секоја приказна ќе имаат еднакво значење и ќе бидат слушнати и почитувани.