[ВИДЕО] По Валенсија, на удар е и Каталонија! Црвено предупредување, пристигнуваат првите снимки од поплавите

Точка

04/11/2024

16:25

1.785

Големина на фонт

а а а

Сите очи сега се кон во Каталонија каде властите повикуваат на максимална претпазливост поради обилните дождови.

Додека жителите на регионот Валенсија сè уште закрепнуваат од катастрофалните поплави во кои загинаа повеќе од 200 луѓе, во понеделникот нови обилни дождови погодија делови од Шпанија.

Метеоролошката служба "АЕМЕТ" соопшти дека „метеоролошката криза заврши во провинцијата Валенсија“, каде што продолжува потрагата по исчезнатите. Сите очи сега се вперени во Каталонија каде властите повикуваат на максимална претпазливост поради обилните дождови. За Барселона е издадено црвено предупредување кое укажува на „екстремна опасност“ поради поројниот дожд.

Во Каталонија, приградските возови се привремено суспендирани „поради неповолни временски услови и предупредувања за силен дожд“, објави операторот "Rodalies de Catalunya" на својата веб-страница.

Во Барселона утрово на аеродромот Ел Прат наврнаа 81 литар дожд на метар квадратен на час, поради што 15 авиони беа пренасочени кон други аеродроми. Министерот за транспорт Оскар Пуенте извести дека на аеродромот ќе биде формиран кризен штаб кој ќе ги следи ефектите од невремето врз тамошниот авиосообраќај.

„Не патувајте освен ако е апсолутно неопходно“, предупреди "АЕМЕТ" преку социјалната мрежа Х.

Во блиската област Баик Љобрегат, каде живеат 840.000 жители, наврнале 180 литри дожд на метар квадратен. Сè уште е забележливо помалку отколку во Валенсија, каде пред четири дена наврнаа повеќе од 400 литри на метар квадратен на час.

Најмалку 217 лица загинаа како последица на обилните дождови во источна Шпанија кои предизвикаа поројни поплави. Шест дена по невидената поплава продолжува потрагата и спасувањето за сè уште непознатиот број исчезнати, а на помош дојдоа илјадници војници.



Спонзорирани линкови

Маркетинг