Левица обвинува за скандалозни назначувања во Академијата за судии и јавни обвинители

Макфакс

02/11/2024

09:53

1.239

Големина на фонт

а а а

Последните скандалозни и нетранспарентни назначувања во Академијата за судии и јавни обвинители ја доцементираат довербата од 2% во правосудството, реагираат од Левица.

„Согласно членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, во Управниот одбор на Академијата, двајца члена се назначуваат од страна на Судскиот совет од редот на судиите, како и двајца членови кои се назначуваат од редот на јавните обвинители од страна на Советот на јавните обвинители.

Меѓутоа, наместо судии и јавни обивнители, деновиве Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за членови на Управниот одбор на Академијата скандалозно назначија луѓе од сопствените редови. Ова претставува сериозно законско прекршување и ЗЛОУПОТРЕБА на службената положба од страна на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, со оглед дека на истите во моментот на извршувањето на нивните функции во Советите им мируваат судиските и обвинителските функции, поради што немаат право да бидат членови и на Управниот одбор на Академијата.

Дополнително, назначувањето се извршени и на крајно нетранспарентен начин, без образложение за ваквото незаконско постапување. Без каков било процес за изразување на интерес на судии и јавни обвинители, јавно презентирање на програми на кандидати итн., назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата било извршено на седница на Советот на јавните обвинители која траела само 11 минути, додека пак Судскиот совет назначувањето го извршило на таинствен начин под точката „разно“.

Партиите на власт повеќе од три децении го узурпираат правосудството преку раководни лица во правосудството кои се верни на партиско-бизнис интересите на елитистичките партии кои криминално владејат со Македонија 33 години. Оваа контрола над правосудните органи партиите особено ја остваруваат преку Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, во чиј состав за жал претежно се поставуваат луѓе блиски до власта и партиски и бизнис интереси“, се вели во соопштението на Левица.

Левица ја повикува Државната комисија за спречување на судир на интереси и корупција да реагира на ваквото скандалозно постапување на овие органи, кои се најголеми виновници за очајната состојба во правосудството и ниската доверба на граѓаните од 2%.

„Потсетуваме, дека годишниот извештај на Европската комисија, ги потврди ставовите на Левица по однос на судството, и констатираше дека државата нема никаков напредок во оваа сфера“, велат од партијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг