Ајатолахот Али Хамнеи ѝ нареди на иранската војска да почне со подготовки за напад врз Израел

Точка

01/11/2024

17:14

1.729

Големина на фонт

а а а

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи им наредил на воените службеници да ја подготват одмаздата против Израел, пишува „The New York Times“.

Одлуката за одмазда беше донесена откако Хамнеи, заедно со членовите на Врховниот совет за национална безбедност, доби детален извештај за обемот на штетата предизвикана од израелскиот напад врз иранските воени позиции кон крајот на октомври. Според извештаите, Иран подготвува одмазда која ќе биде „остра“ и „незамислива“, а нејзиниот облик и времето на извршување остануваат непознати.


Одредени извори сугерираат дека Иран има намера да го изврши нападот дури по претседателките изборите во САД на 5 ноември, додека други извештаи сугерираат дека иранскиот одговор може да дојде и порано. Според извори блиски до иранските воени претставници, сегашната стратегија на Иран е насочена кон избегнување на ескалација на конфликтот пред изборите во САД, за да се избегне зајакнувањето на поддршката за републиканскиот кандидатот Доналд Трамп, кој многумина во Иран го гледаат како закана. Од друга страна, иранските паравоени сили во Ирак наводно се во состојба на приправност за евентуален напад со балистички ракети и беспилотни летала, што може да биде алтернатива за директен ирански одговор.


Заканите за одмазда доаѓаат по израелскиот воздушен напад кој беше насочен кон иранските противвоздушни системи и радарски станици на 26 октомври, а како одговор на иранскиот балистички ракетен напад врз израелските територии на почетокот од октомври. Иран потврди дека четворица негови војници беа убиени во израелскиот напад, но тврди дека штетата предизвикана од израелските напади била минимална и дека иранските сили за воздушна одбрана биле во можност да ги неутрализираат повеќето закани. Од друга страна, Израел тврди дека операцијата успешно уништила значителен дел од капацитетите за противвоздушна одбрана на Иран и производствените капацитети за балистички проектили.


Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја коментираше израелската воена операција за време на завршната церемонија за обука на воените офицери во базата „Мицпе Рамон“, велејќи дека нападот му овозможил на Израел „поголема слобода на дејствување“ во Иран. Нетанјаху исто така изјави дека Израел може да „достигне до која било точка во Иран, доколку е тоа потребно“, притоа потенцирајќи ги воените способности на Израел и неговата намера да ја задржи стратешката предност во регионот.

Извештаите од САД, исто така, нагласуваат дека израелското разузнавачка служба се подготвува за можен напад во наредните денови, кој би вклучувал голем број балистички ракети и дронови лансирани од проирански групи од Ирак. Таквиот потег може да му овозможи на Техеран избегнување на директен одговор од Израел врз иранска територија, намалувајќи го ризикот од поинтензивен конфликт во Иран.


Иранските воени претставници изјавија дека разгледуваат листа на потенцијални израелски воени цели. Генералот Хосеин Салами, командант на иранската револуционерна гарда, изјави дека иранскиот одговор ќе биде „незамислив“, обвинувајќи го Израел дека „достигнал фаза на колапс“ и дека дејствува „слепо и без правила“.

Од друга страна израелската армија најави формирање на нови оддели во рамките на управата за разузнавање и воздухопловните сили. Овие одделенија, како што велат од Израел, ќе овозможат „повторливи акции“ во Иран, со што ќе се обезбеди континуитет во операциите против иранските воени капацитети.


На почетокот од октомври, израелските воздушни сили спроведоа повеќе воени вежби како подготовка за удари од долг дострел. Повеќе од сто израелски воени авиони учествуваа во нападот од 26 октомври, кој имаше за цел уништување на стратешките противвоздушни системи на Иран. Оваа акција, според израелската војска, отворила „слободен простор за дејствување“ на израелската авијација во Иран, а исто така ги неутрализирала директните и идните закани за Израел. На церемонијата Нетанјаху ја повтори стратешката цел на Израел да го спречи Иран во развивање на нуклеарното оружје, велејќи дека „Израел нема да го тргне погледот од таа иранска цел“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг