Марина Атанасовска (одделенски наставник ООУ Кирил Пејчиновиќ – Скопје) Никола Ѓелинчески (наставник по англиски јазик приватно училиште Јахја Кемал – Скопје) и Елена Апостолоска (наставник по математика ООУ Живко Брајковски – Скопје) се меѓу добитниците на престижната стипендија што ја доделува Шведскиот институт, со што им се овозможи учество на Светскиот Самит за наставници организиран од Музејот за Нобелова награда.
Овој настан од глобално значење се одржа на 4 октомври 2024 година во Стокхолм на кој учествуваа околу четиристотини наставници од целиот свет и обедини едукатори од повеќе од триесет земји.
Годинешната тема на Самитот, „Minding the Brain “, истакна клучни прашања поврзани со улогата на мозокот во процесот на учење. Македонските наставници имаа можност да учествуваат на предавања, панел дискусии и интервјуа со добитници на Нобелова награда, научници и психолози, кои од различни перспективи ја разгледуваа оваа тема од големо значење во образованието. Оваа година, на Нобеловиот Самит за наставници, се отворија клучни прашања: Дали образовните системи се во чекор со најновите научни откритија? Дали нашите училници се адаптирани на напредокот во науката? Токму ова беше суштината на самитот – при создавање на образовна средина, мораме да го земеме предвид функционирањето на мозокот. Наставници од повеќе од триесет земји, заедно со добитници на Нобелова награда и водечки научници, учествуваа на овај уникатен, годишен самит, полн со инспиративни идеи и незаборавни средби.
Дополнително, македонските наставници беа дел од четиридневната ексклузивна продолжена програма, од 2 до 5 октомври, наменета за меѓународни учесници. Во рамките на оваа програма, тие имаа можност да се запознаат со шведскиот образовен систем преку посета на локални училишта, да учествуваат во подлабоки дискусии со колеги од целиот свет и да разменат искуства.
Настанот беше извонредна можност за професионален развој, со уникатни средби и инспиративни идеи, кои ќе остават трајно влијание врз македонските наставници и нивната образовна пракса.