Глазгов е европската престолнина на дрога: „Потребни ми се 1000 фунти месечно за хероин“

Точка

21/10/2024

19:26

1.616

Големина на фонт

а а а

Во текот на ладното утро во источен Глазгов, единственото нешто за што размислува Крис е колку брзо може да стаса до дрогата. Тој чекори по улица мавтајќи со игла во воздухот додека автомобилите и комбињата минуваат низ станбената населба. Шприцот е исполнет со кафеава течност. „20 милилитри хероин за 10 фунти“, извикува додека се фали дека му биле потребни помалку од десет минути да го добие, пренесува „Sky News“.

Четириесет и едногодишниот поранешен сликар и декоратор раскажува како неговите речиси две децении се одбележани со криминал и дрога, а започнале откако неговата мајка била убиена во 2007 година. Изгледа расеан. „Треба само да го внесам ова во мене“, вели тој, земајќи го хероинот.


Тој оди во импровизирано дувло на аголот на паркингот на супермаркетот. Скриен длабоко во грмушките, тој го зема приборот за дрога. Воопшто не трепка. Тој седи на скршен канистер покриен со нечистотија и кал, а наполнетиот шприц го држи стегнат помеѓу забите додека ги соблекува панталоните.


Минатата година во Шкотска, речиси 1200 луѓе починале поради злоупотреба на дрога

„Навистина е одвратно да морате да го правите ова“, признава тој. Ја прегледува кожата на долниот дел од ногата и препоните, очајно барајќи место за инјектирање. Тишината владее додека тој самиот се инјектира. Само неколку чекори подалеку, се отвора нова државна институција која ќе им овозможи на зависниците да ги донесат своите нелегални наркотици и таму, тие ги консумираат под медицински надзор, без страв од полициско апсење, пишува „Sky News“.

Собата за побезбедна консумација на дрога, која ќе биде прва од ваков вид во Велика Британија, е начинот на кој властите се обидуваат да се справат со смртните случаи од дрога и да ги исчистат улиците.


Шкотска има највисока стапка на смртност поврзана со дрога во Европа. Минатата година, 1.172 луѓе починале поради злоупотреба на дрога, според податоците на националната евиденција на Шкотска. Тоа е 121 или 12 отсто повеќе отколку во 2022 година. Опојните супстанции, како хероинот, се вклучени во дури 80 отсто од смртните случаи.

Глазгов е во центарот на епидемијата. Властите веруваат дека проектот може да ги намами луѓето како Крис од дувлата во дезинфицирана клиничко окружување. Крис за својот живот на улицата зборува елоквентно и страсно, а понекогаш и отворено и додава дека неодамна му бил запален шаторот во кој живеел.

„Умирањето изгледа како подобар живот“

Крис не е светец и не се преправа дека е, а за хероинот потребни му се 1.000 фунти месечно. Тврди дека парите ги обезбедува ограбувајќи продавници. Тој е скептичен околу планот на владата. „Мислам дека не постои такво ниво на доверба“, нагласува тој.


Просториите за побезбедна консумација на дрога се редовна појава во другите големи европски градови. Сепак, идејата е контроверзна и не е евтина. За такви соби во неколку шкотски градови би требало да се потрошат 2,3 милиони фунти. Клучното прашање е дали новиот план ќе го намали бројот на смртни случаи или не.

Оние кои се против планот стравуваат дека нема доволно да се зборува за опасностите од дрогата. Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека „не постои безбеден начин за земање на нелегални дроги“. Останатите се загрижени дека собите ќе станат „магнети за криминал“ со дилери на дрога кои сакаат да ги искористат ранливите луѓе.


Планот ќе се реализира предоцна за некои луѓе кои сега се на улица. Новинар на „Sky News“ го праша Крис дали кога се дрогира размислува дека тоа би можело да му биде и последен пат. Тој одговара: „Да бидам искрен, пријателе, тоа би било благослов. Како што ми е сега животот, умирањето изгледа како подобар живот“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг