Оваа година Нобеловата награда за мир ја освои јапонската организација „Nihon Hidankio“, којашто ги собира преживеаните од нападот со атомска бомба во Хирошима и Нагасаки, соопшти Нобеловиот комитет.
Во образложението на одлуката се вели дека ова масовно движење познато и како „Хибакуша“, ја доби наградата за мир поради нивните напори да се постигне елиминирање на нуклеарното оружје од светот, и за нивните напори нуклеарното оружје веќе никогаш да не смее да се употреби.
Движењето се создаде како одговор на атомските напади во август 1945 година, а неговите членови неуморно работеа на кревањето на свеста за катастрофалните хуманитарни последици од употребата на нуклеарното оружје.
Со тек на време се разви силна меѓународна норма којашто употребата на нуклеарното оружје ја стигматизира како морално неприфатлива, а таа норма стана позната како „нуклеарно табу“.
Сведоштвата на членовите на организацијата помогнаа во создавањето и консолидацијата на широко распространетото противење кон нуклеарното оружје ширум светот, кое се потпирало врз личните приказни, креирајќи образовни кампањи базирани врз лично искуство и издавајќи итни предупредувања против ширењето и употребата на нуклеарното оружје.
„Хибакуша нѝ помага да го опишеме она што не може да се опише, да го замислиме незамисливото и некако да ја сфатиме несфатливата болка и страдање предизвикани од нуклеарното оружје. Норвешкиот, Нобелов комитет сака да му одаде признание на еден охрабрувачки факт: ниту едно нуклеарно оружје не беше искористено во војните по речиси 80 години. Напорите на Нихон Хиданкио и останатите претставници на Хибакуша дадоа голем придонес кон воспоставувањето на нуклеарното табу“, пишува во образложението на Комитетот.
Тие ги инспирираат и образоваат луѓето ширум светот
Нихон Хиданкио понудил илјадници искази од сведоци, издала резолуции и јавни апели и испраќал годишни делегации во ОН и на различни мировни конференции, со цел да го потсети светот од итната потреба за нуклеарно разоружување.
„Еден ден Хибакуша повеќе нема да биде помеѓу нас како сведоци на историјата, но со силна култура на сеќавање и континуирана посветеност, новите генерации во Јапонија го пренесуваат искуството и пораките на сведоците. Тие ги инспирираат и образоваат луѓето ширум светот. На тој начин помагаат во одржувањето на нуклеарното табу. Нобеловата награда за мир за 2024 година ја исполнува желбата на Алфред Нобел да ги признае напорите кои имаат најголема корист за човештвото“, пишува во соопштението.
Од воспоставувањето во 1901 година, Нобеловата награда за мир ја добија 110 поединци и 30 организации, а одредени организации ја добија наградата повеќе пати.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст ја освои оваа награда три пат, а Канцеларијата на високиот комесаријат на ОН за бегалци ја освои два пати. Најмладата добитничка на Нобеловата награда за мир беше Малала Јусафзаи која во моментот на освојувањето на наградата имаше 17 години, додека најстариот добитник беше Јозеф Ротблат кој имаше 86 години кога ја освои наградата во 1995 година.
Нобеловата награда за мир претставува признание за особените заслуги во областите на поврзувањето на народот, разоружувањето или намалувањето на светските или регионалните воени потенцијали, политичко и друго образование како и одржувањето на мировните конференции.
Комитетот којшто го одбира добитникот се состои од пет членови коишто ги одбира норвешкиот парламент, а предлог – кандидатите за добитници на Нобелова награда за мир, покрај членовите на комитетот и поранешните добитници на наградата, можат да ги предложат и сите членови на владата или членовите на Меѓународниот суд на правдата, професори на катедрите за социологија, историја, филозофија, право и политички науки како и раководителите на овие институти. Нобеловата награда за мир може да им се додели на учесниците на одредени мировни преговори дури иако тие не довеле до конечно решение, односно до постигнување на мировниот договор.
Оваа како и останатите Нобелови награди, претставува донација на шведскиот пронаоѓач и фабрикант Алфред Нобел, и од 1901 година наградата секоја година се доделува на 10 декември во Осло, на денот на неговата смрт.