[ВИДЕО] Драма во туристичка атракција во САД: 6 часа луѓе останаа заробени во рудник, едно лице загина, меѓу спасените има и деца

Макфакс

11/10/2024

11:28

1.267

Големина на фонт

а а а

Едно лице загина, а 23 се спасени по несреќа во поранешен рудник за злато во Колорадо, САД, кој сега е туристичка атракција, соопштија властите.

Тие рекоа дека луѓето биле заробени шест часа во четвртокот на длабочина од околу 300 метри во рудникот во Крипл Крик, Колорадо, откако се случиле механички проблеми во системот на лифтот, објави Си-ен-ен.


Единаесет лица беа спасени претходно во четвртокот, а уште десетина луѓе кои дојдоа од друга држава беа заробени на дното на рудникот околу шест часа пред да бидат спасени во четвртокот навечер.

„Меѓу спасените има две деца, а четири спасени лица добија помош од медицински персонал поради полесни повреди“, рече шерифот на округот Телер, Џејсон Микесел, додавајќи дека во тек е истрага за да се утврди причината за дефектот на лифтот.


Микесел истакна дека 12 лица биле заглавени на ниски температури од околу 10 Целзиусови степени и дека имале вода, ќебиња, столици и радио.

Поранешниот рудник за злато е туристичка атракција повеќе од 50 години, а последната несреќа се случи таму во 1986 година, рече Микесел.


Во таа несреќа две лица останале заглавени во лифтот, а немало жртви.

Туристичката обиколка на рудникот за злато од 1890-тите трае околу еден час