Заборавете на кремите и третманите: Еве како патувањата можат да ви помогнат во успорувањето на стареењето

Точка

04/10/2024

16:19

5.917

Големина на фонт

а а а

Следниот пат кога ќе кажете дека ви е потребен одмор за да закрепнете од патувањата, размислете за новата студија од Австралија, која вели дека патувањата можат да бидат корисни и за вашето здравје и за успорувањето на стареењето.

Во соопштението за најновата студија, објавена во „Journal of Travel Research“, а чиј автор е кандидатот за докторски студии на универзитетот „Edith Cowan“, Фангли Ху, пишува: „заборавете на ноќните креми со ретинол, бидејќи патувањата би можеле да бидат најдобар начин за пркосење на предвременото стареење“. Ху има објавено различни рецензирани студии во врска со патувањата и здравјето.


Активностите во слободното време, во текот на патувањето „би можеле да помогнат во ублажувањето на хроничниот стрес, ублажувањето на прекумерната активација на имунолошкиот систем и поттикнување на нормално функционирање на системот на самоодбрана“, заклучува Ху во студијата.

„Рекреацијата потенцијално ја ослободува напнатоста и уморот во мускулите и зглобовите. Ова олеснување помага во одржувањето на метаболичката рамнотежа на телото и ја зголемува ефикасноста на организмот против стареењето. Органите и клетките тогаш можат да останат во состојба на ниска ентропија“, пишува во студијата.


Патувањата честопати подразбираат физички активности како што се планинарење, пешачење, качување, возење велосипед, а физичкиот напор може да го поттикне метаболизмот, потрошувачката на енергијата и материјална трансформација, а сето тоа е корисно.

Физичката активност во текот на патувањата може исто така да ја подобри циркулацијата на крвта, да го забрза транспортот на хранливи материи и да помогне во елиминацијата на токсините, со што заеднички се одржува активен систем на самоизлекување, вели Ху.


Позитивното искуство од патувањата може да го подобри здравјето, но негативното искуство може да го загрози истото, предупредува Ху.

Сепак, студијата покажува дека „терапијата со патувањата би можела да биде револуционерна здравствена интервенција“.

„Стареењето како процес е неизбежно“, вели Ху. „Иако не може да се запре, може да се забави. Туризмот не се однесува само на слободно време и рекреација. Тој исто така може да придонесе кон физичкото и менталното здравје на луѓето“, додава Ху.