Уредот реагираше скоро веднаш на командите на хирургот, доцнењето беше намалено на помалку од 300 милисекунди
Контролерите на конзолата за игри веќе се користени за различни намени – од контрола на дрон и автомобил до, логично, играње видеоигри. Сепак, научниците од кинескиот универзитет во Хонгконг и ЕТХ Цирих отидоа чекор подалеку и извршија интервенција со помош на контролер на конзола за игри.
Ова само по себе не би било ништо необично доколку, во моментот на операцијата, растојанието помеѓу хирургот што го користи контролерот и пациентот не е 9.300 километри. Имено, хирурзите во Швајцарија успешно извршиле ендоскопија на жива (и здрава) свиња која лежела на операциона маса во Хонгконг.
Како што истакнуваат научниците, ова би можело да биде првиот и важен чекор кон извршување на операции на далечина кај луѓето.
Во студијата објавена во списанието "Advanced Intelligent Systems", известува "Zimo", научниците објасниле како користеле хируршки робот и магнетен ендоскоп во Хонгконг, кој бил поврзан преку протоколот "WebSocket" за размена на податоци во реално време, со контролер во Цирих. Швајцарските хирурзи ја следеле целата процедура со помош на видео врска.
Магнетниот ендоскоп е опремен со низа магнети долж неговата должина, така што се контролира со менување на магнетното поле надвор од телото на пациентот. Токму тоа го искористија хирурзите и со помош на стариот "PlayStation 3 Move Hand", успешно ја изведоа процедурата. Во други случаи, тие го користеа и контролерот за "PlayStation 5".
Во текот на постапката, лекарите од Швајцарија успеале да направат ендоскопија, па дури и да земат примероци од биопсија од стомакот на свињата.
Досега овој тип на далечински медицина најмногу бил ограничен поради доцнењето во преносот на податоците. Благодарение на новите технологии, ова доцнење беше намалено на помалку од 300 милисекунди, што значи дека уредот реагирал речиси инстантно на командите на хирургот.
Тимот на научници вели дека успехот на експериментот покажува дека наскоро би можеле да се вршат операции на далечина врз луѓе, особено во области каде што недостасуваат одредени специјализирани лекари. Во операционите сали веќе се користат роботи за прецизни операции на срцето, очите и мозокот. Меѓутоа, кога се комбинира со операции од далечина, ова може да вклучи дури и операции на астронаутите во вселената.