Ајшенур Езги Ејги, дваесет и шестгодишната турско – американска државјанка, убиена е минатиот петок во текот на протестите во селото Беита, во близина на градот Наблус, место каде што Палестинците трпат постојани напади од крајните десничарски, еврејски доселеници. Меѓутоа, Израел тврди дека убиството на Езги Ејги било случајно, а израелските власти спроведоа истрага околу овој инцидент, соопшти во вторник израелската војска.
„Истрагата покажа дека таа многу веројатно била застрелана ненамерно од страна на израелската војска, а пукањето не било насочено кон неа, туку кон главните поттикнувачи на нередот“, објави израелската војска. „Инцидентот се случи во текот на насилните протести во коишто десетина Палестинци се осомничени дека палеле гуми и фрлале камења кон нашите безбедносни сили во Беита“ велат од израелската војска и изразуваат „длабоко жалење“ поради смртта на дваесет и шестгодишната девојка.
Американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Израел дека мора повеќе да се потруди за да обезбеди ваков инцидент никогаш повеќе да не се повтори, нарекувајќи ја смртта на Езги Ејги „неприфатлива“.
Бајден во соопштение напиша дека, иако Израел ја презеде одговорноста за нејзиното убиство, американската влада и понатаму очекува да добие отворен пристап кон истрагата околу околностите на нејзината смрт.
„Мора да постои потполна одговорност. А Израел мора да направи повеќе за да обезбеди вакви инциденти никогаш повеќе да не се повторат“, вели Бајден.
Пријателите на Езги Ејги, велат дека нејзе секоја неправда во светот длабоко ја погодувала и дека била позната по својата емпатија, радосен карактер и желбата да им помогне на обесправените луѓе, без оглед на тоа кои се и каде се наоѓаат. „Ја осветлуваше секоја просторија во којашто влезе. Секогаш на лицето ја имаше најголемата, најсјајната насмевка. Беше многу мила личност“, изјави Келси Набас, пријателката на Езги, а пренесува Ал Џазира.
Инаку, Езги Ејги била родена во Турција, но израснала во Сиетл, на западниот брег на САД, каде што студирала на универзитетот „Washington (UW), a сакала да се запише на постдипломски студии по право.
„Отиде во Беита за да му помогне на палестинскиот народ. Беше посветена на ослободувањето на Палестинците“, вели Набас. Пријателите на Езги, велат дека таа одела на протести речиси целиот нејзин живот, и дека уште во 2016 година, како тинејџерка им се придружила на активистите во „Standing Rock“ со цел спречување на спроведувањето на нафтовод, кој претставуваше закана за загадувањето на водата на домородското население во Северна Дакота.