СДСМ го искажа својот став за измена на Законот за локалната самоуправа, а тоа е дека сме против ова законско решение, истакна пратеникот Оливер Спасовски.
Опозициската партија смета дека на овој начин се нарушуваат демократските принципи и е спротивно на уставните начела со кои граѓаноите ги носат одлуките за локалната власт.
„Сметаме дека носењето вакво законско решение, во кое без одлука на граѓаните ќе можеме да вршиме промена на градоначалниците во одредени општини, на тој начин се одзема правото на граѓаните и се манипулира со волјата на избирачите. Исправно е да кажеме јасно и гласно дека ваков закон не може да добие поддршка. Кога станува збор за изборите, последниот збор мора да го има граѓанинот. Ќе се соочиме со состојба кога по одржувањето избори, повторно се создава пракса, во која ќе може на некој од градоначалниците да му престане мандатот и потоа до крајот на мандатот да раководи друг“, рече Спасовски.
Пратеникот го коментира и ставот на ДУИ дека ќе го поддржи Законот за локалната самоуправа.
„И покрај тоа што партијата, која сега ја предводи владата, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, пред целата јавност рече дека ДУИ е дефакторизирана и каква било соработка со ДУИ е невозможна, ние гледаме добра коалиција на дело затоа што ова е веќе второ законско решение. Сосема се јасни работите и ќе им бидат и на граѓаните дека таа нишка, врска, која постои, е длабока, а причините за одлуката ќе излезат на вииделина“, рече Спасовски.
Собранието денеска ја почна 14. седница ,на која на предложениот дневен ред се 31 точка, меѓу кои и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа по скратена постапка, со кој, меѓу другото, се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините во кои по сила на законот им престанал мандатот на избраните градоначалници, да може да ја извршуваат оваа функција до изборот на нов прв човек на општината. За да се изгласа овој закон, потребно е двотретонско мнозинство. По парламентарните избори во земјата и изборот за министри и пратеници, в.д. градоначалници има во Аеродром, Гостивар и Сарај.