[ФОТО] Синот на Честер Бенингтон ги нападна „Linkin Park“ поради новата пејачка: „Тивко го избришавте животот и наследството на мојот татко“

Точка

10/09/2024

20:10

3.377

Големина на фонт

а а а

Џејми Бенингтон, синот на покојниот пејач на „Linkin Park“, Честер Бенингтон, ја критикуваше одлуката на бендот пејачката Емили Армстронг да го замени неговиот татко.

Џејми го изрази своето незадоволство на Инстаграм. Тој го обвини соосновачот на „Linkin Park“, Мајк Шинода дека „тивко ги избришал животот и наследството“ на неговиот татко, и тоа во текот на меѓународниот месец за превенција од самоубиства. Тој ги истакнал проблематичните детали за Емили Армстронг, вклучувајќи ја и нејзината поврзаност со Скиентолошката црква, како и нејзината поддршка за Дени Мастерсон, актер кој минатата година беше осуден на 30 години затвор за силување на две жени.


Синот на Честер го обвини бендот дека ги разочарал фановите и ја изневерил нивната доверба. „Фановите веруваа дека си подобра и поголема личност од ова“, му порачал тој на Мајк, додавајќи дека е „сенилен и глув“. Инаку, фановите ги загрижи и името на новиот албум кој е наречен „From Zero“. Многумина се загрижени дека намерата на „Linkin Park“ е целосно да го заборави наследството на Честер.


28-годишниот Џејми е син на Честер и Елка Бренд. Честер си го одзеде животот во својот стан во 2017 година, а со години пред тоа се бореше со зависноста од дрога и алкохол. Џејми со години тврди на социјалните мрежи дека неговиот татко „не умрел онака како што тврдат“.

Нова пејачка и нов тапанар

Овој месец заедно со пејачката Емили Армстронг, „Linkin Park“ го претстави и новиот тапанар Колин Бритајн, кој ќе им се придружи на Мајк Шинода, Бред Делсон, Феникс и Џо Хан во новата постава. Тие го издадоа синглот „The Emptiness Machine“ и го најавија албумот „From Zero“ кој ќе излезе на 15-ти ноември.

Не сакаа да настапат без Честер

„Linkin Park“ е алтернативен рок бенд основан во 1996 година во Лос Анџелес, а три години подоцна на бендот му се придружи Честер Бенингтон, кој беше фронтмен до неговата смрт. Во 2000 година, тие го издадоа својот деби албум „Hybrid Theory“, кој постигна огромен успех.

Својот последен албум, бендот го објави два месеци пред Бенингтон да си го одземе животот. Неговата трагична смрт ги погоди обожавателите ширум светот, а „Linkin Park“ не сакаше да продолжи да настапува без него.