Џек Грилиш доби повик од привремениот англиски селектор и вчера имаше шанса да постигне гол против „својата“ Ирска, репрезентација чии бои ги бранеше во своите младински категории.
Ѕвездата на Манчестер Сити не славеше премногу од почит кон дел од луѓето од неговото семејство, но призна дека голот дошол навистина добро за неговата самодоверба, која дефинитивно е на ниско ниво по ужасното лето кое го остави зад себе.
Скромната сезона во Манчестер Сити заврши со голем шок и неселектирање за Европското првенство, а овој удар Грилиш го оцени како еден од најлошите во својот живот.
– Сите кои играат за Англија, ќе го кажат истото. Не постои подобро чувство од носењето на овој дрес, особено на натпревари на кои знаете дека ќе бидат гледани од цела нација.
– Мислам дека веќе го кажав ова. Го оставив зад себе најлошото лето во својот живот, не можев да го гледам тоа што се случуваше пред мене. Беше тешко да се прифати, но ми даде уште поголема желба да се вратам и да докажам дека вредам за репрезентацијата, – изјави Грилиш.