Израел им ја пренесе својата порака на САД и на дел од западно европските земји, дека ќе одговори на каков било напад од страна на Иран и тоа со директни удари врз иранска територија.
Во извештајот којшто го објави военото радио на Израел, израелската власт ја појасни својата одлучност да го нападне Иран дури иако потенцијалниот ирански напад не резултира со никакви жртви.
Понатаму се наведува дека ваквиот став на Израел има за цел да го спречи притисокот од меѓународната заедница за избегнување на насилен одговор кон потенцијалниот ирански напад.
Истовремено, иранското министерство за надворешни работи порача дека, повиците упатени кон Иран, за воздржаност спрема Израел од страна на Франција, Германија и Велика Британија, „немаат логика и се спротивни со принципите на меѓународното право“.