Доколку барате лесни и освежителни закуски, ова јадење од тиквички е нешто што навистина вреди да се проба во летните денови.
Постојат многу начини како да го искористите овој неодолив и супер здрав зеленчук во кујната – за пити, чорби, проја, па дури и колачи, а еден од поинтересните се ролованите тиквички со фил од сирење.
Потребни ви се само 5 состојки, со додаток на сол, а се подготвуваат за многу кратко време и што е најважно на овие високи температури – не се печат во рерна!
Потребни состојки:
- 3 тиквички
- 200 гр. крем сирење
- 1 врзоп босилек
- 50 гр. ореви
- 50 р. маслиново масло
- сол
Начин на подготовка:
Тиквичките добро измијте ги, па исечете ги по должина на тенки парчиња. Во намрсено тавче кратко пропржете ги од двете страни, па наредете ги на хартиена крпа да се исцедат.
Во еден сад ставете ги босилeкот и оревите, па прелијте ги со маслиново масло и сол и блендирајте со рачен блендер додека не добиете кремаста смеса.
Ваквата смеса измешајте ја со крем сирењето, а потоа намачкајте ја врз испржените тиквички. Виткајте ги како ролнички и оставете да се изладат пред да ги послужите.